Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека и ова е еден од моделите за разговор предизвика дебати, иако тој негираше дека го употребил тој термин.
Зачувувањето на границите така што моќниот сосед да добие увид во стратегиските прашања потсетува на ситуацијата што ја доживеа Финска, но експертите сметаат дека слично решение за Украина би било неприфатливо за владата во Киев.
Финска беше дел од Руското Царство од 1809 до 1917 година, кога доби независност признаена од Советите. Но по првата војна, од 1939 до 1940 година, предизвикана со инвазија од Советскиот Сојуз, а потоа и втората војна, од јуни 1941 година, кога се бореше против Црвената армија заедно со нацистичка Германија, Финска потпиша примирје со СССР во 1944 година и Парискиот мировен договор од 1947 година.
Во новиот контекст на студена војна и железна завеса, Москва и Хелсинки во 1948 година потпишаа договор за пријателство и соработка.
Врз основа на тој договор, финските водачи ветија дека нема да се приклучуваат во западни воени сојузи, вклучително и новоформираната Северноатлантска алијанса (НАТО).
Во Финска се водеше политика со која се бришеше антисоветското расположение од политичката и културната сфера, а со тоа и од медиумите.
Москва ја контролираше надворешната и воената политика на Финска и на тој начин го спречуваше, на пример, склучувањето договори за заемна заштита на Финска со Шведска и Норвешка.
Навредлив збор
Таквата политика ја спречи советската инвазија и придржувањето на Финска кон западниот блок, а експертите се согласуваат дека финските лидери немале избор.
Но за независноста на Финска тоа беше болен удар и многу жители на нордиската земја го сметаат за срамен период.
„Кога во Финска велите дека некој е финландизиран, тоа звучи речиси како навреда, тоа значи дека сте поблиску до Русија отколку до Западот“, изјави поранешниот фински премиер Александар Стуб во интервју за АФП.
Многу луѓе од тогашниот свет на политиката и медиумите денес се критикувани дека наметнувале самоцензура повеќе од потребното за да не се замерат со Кремљ.
По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, Финска конечно можеше да се откаже од наметнатата неутралност и јасно да се определи за западниот блок, па во 1995 година стана членка на Европската Унија, а потоа и партнер, но не и членка на НАТО.
„Бевме мала земја меѓу чеканот и наковалната“, вели професорот Теиво Теиваинен од Универзитетот во Хелсинки.
„Многу луѓе прифаќаат дека финландизацијата е дел од нашата историја, но посегнувањето по тоа денес, без разлика дали е Финска или Украина, е навредливо за многумина“, објаснува тој.
Нови ситуации
Идејата дека финландизацијата може да ги реши тензиите со Русија и конфликтот што произлезе од руската анексија на Крим во 2014 година, предизвикува остри реакции на Балтикот.
Поранешниот естонски претседател Томас Хендрик Илвес истакна дека „Финска не беше сметана за демократија“ во времето на финландизацијата. „Не беше убаво да се гледа тоа“, предупредува тој, потсетувајќи дека финскиот претседател Урхо Кеконен беше на власт 26 години и дека мандатот му го продолжувале со просто парламентарно мнозинство.
„Старите формули за нови ситуации ретко даваат резултат“, напиша Стуб на Твитер, велејќи дека не верува дека Емануел Макрон го изговорил тој збор.
Поранешниот шеф на финската дипломатија, кој беше посредник во конфликтот меѓу Русија и Грузија во 2008 година, остро ја отфрла идејата дека финландизацијата може да биде модел за разгледување на руско-украинската криза.
„Ниту една голема сила, било да е Русија или која било друга, не смее да одлучува кој пат Украина ќе го избере за сопствената безбедност“, рече тој.
Украина не е Финска
Освен тоа, постои една клучна разлика меѓу Украина и Финска. Надворешните сили всушност ќе ја бараат Украина да заземе статус на неутрална држава. Со оглед на бурните односи на Украина со Русија и насилството во источниот дел на земјата, се чини малку веројатно дека Украина некогаш би можела да биде подготвена да стане Финска 2. Полесната алтернатива би било тоа што правото на Украина да се приклучи на одбранбениот пакт по нејзин избор би можело да биде обновено, но во практиката – ставено во фиока, вели Гардијан.
Можниот статус на Украина во НАТО е нешто како фатаморгана, бидејќи земјата не е ни блиску до почетните фази на членството во НАТО, а дискусијата на темата веројатно ја замаглува вистинската точка на конфликтот – желбата на Русија да ја доведе Украина не во некоја форма на неутралност, туку назад во својата сфера на влијание врз основа на тоа дека владата во Киев е нелегитимна.






