Макрон на митинг на 2 април ги предупреди своите поддржувачи да не претпоставуваат дека ќе освои втор мандат, сугерирајќи дека некој од неговите екстремно десничарски ривали би можел да го победи, истакнува Фајненшал тајмс.
На својот единствен голем предизборен собир, францускиот лидер укажа на сопствената победа во 2017 и гласањето за брегзитот претходната година како примери за неочекувани исходи на гласањата.
„Не им верувајте на коментаторите или истражувањата на јавното мислење кои велат дека тоа е невозможно, незамисливо, кои велат дека „изборите се веќе добиени и дека сè ќе биде во ред“. Погледнете нè нас, погледнете се себе, пред пет години. Луѓето зборуваа дека тоа е невозможно“, кажа Макрон.
Истражувањата на јавното мислење предвидуваат дека Макрон ќе добие најмногу гласови во првиот круг на гласањето следниот викенд, пред кандидатката на крајната десница Марин ле Пен и дека ќе победи на вториот круг две недели подоцна, како и пред пет години, иако овој пат анкетите предвидуваат прилично тесна победа.
Макрон на собирот во Париз ја истакна својата посветеност на Европа и Европската Унија, за разлика од Ле Пен и кандидатот на крајната левица Жан Лук Меланшон, и кажа дека Европа со заедничка одбрана, политика за заштита на животната средна и регулиран капитализам е важна противтежа на двете суперсили САД и Кина и „големиот хаос“ во геополитиката.
На својот прв предизборен митинг само една недела пред првиот круг на изборите францускиот претседател ги повика десетици илјади сè понервозни поддржувачи да му помогнат да победи „во битката меѓи напредокот и назадувањето“.
Макрон говорот го почна со долга листа достигнувања и ветувања дека ќе отвори работни места во болниците и старечките домови, во очигледен обид да ги убеди гласачите од левиот центар за кои истражувачите на јавното мислење велат дека може и да не гласаат.
„Опасноста од екстремизмот достигна нови висини бидејќи во последните месеци и години нормализирани се омразата и алтернативните вистини“, кажа тој. „Навикнавме во телевизиските емисии да гледаме антисемитски и расистички автори“.
Центристичкиот претседател минатиот месец во последен момент објави дека планира да се кандидира за втор мандат, но, како што укажува Франс 24, неговата кампања ја попречи војната во Украина. Сега кога се намалува неговата предност над конкурентите, неговите поддржувачи бараат повеќе да се посвети на кампањата и неговите соработници ветуваат дека ќе ја прошета земјата.

На стадионот со 30 илјади места познат по спортски натпревари и рок концерти, Макрон се обиде да вдише нов живот на кампањата за реизбор која ја разниша подемот на неговата десничарска ривалка Марин ле Пен, пишува Тајмс.
Настапувајќи како рок ѕвезда, Макрон до бината се протурка низ возбудената публика, проследен со гласна музика, пиротехника и скандирање „уште пет години“. Облечен во своето препознатливо сино одело, говорот го почна поврзувајќи ги рускиот претседател Владимир Путин и своите противници од десницата.
„Денес некои луѓе ја бомбардираат демократијата неколку часа од Париз; други би сакале да нè вратат во Франција каква што беше пред многу години“.
Предизборниот настап на стадионот беше единствениот голем митинг на кампањата на Макрон, бидејќи инсистираше дека војната значи дека треба да го посвети своето време на државните прашања, а не на изборната кампања, укажува Тајмс и истакнува дека стратегијата на почетокот се исплатела бидејќи почетокот на руската инвазија на Украина разликата во поддршката на Макрон и Ле Пен беше десет отсто.
Ефектот на војната во Украина ослабе а рејтингот на Макрон падна бидејќи вниманието од војната беше префрлено на нејзините последици на животниот стандард во Франција – порастот на цените на енергијата кој ја турна инфлацијата на 4,5 отсто, најмногу од средината на 80-тите.
Од друга страна, растот на рејтингот на Ле Пен ја оправда нејзината одлука во центарот на својата кампања да го стави намалувањето на куповната моќ, наместо нејзиниот традиционален антиемигрантски став. Исто така, укажува Тајмс, парадоксално ѝ помогна и кандидатурата на екстремниот десничар Ерик Земур. Тој првично презема некои од нејзините гласачи, но неговата тврда антиисламска реторика направи нејзиниот остар став кон странците да изгледа повеќе мејнстрим.
Тоа, како што наведува лондонскиот весник, доведе и до промена во таборот на Макрон, кој беше обвинуван дека е благ кон Ле Пен во очекување дека лесно ќе ја победи во вториот круг. Во последните денови, Макрон за својата ривалка вели дека е „екстремната десница“ и зборува за „тандем Марин ле Пен – Ерик Земур“, и покрај интензивното ривалство на тие двајца.
Предноста на Макрон над Ле Пен продолжува да се намалува една недела пред првиот круг на гласањето, истакнува Блумберг за резултатите на последните анкети.
Според анкетата на Ифоп објавена на 3 април поддршката на Макрон е на 27 отсто, што е пад од 29,5 отсто две недели претходно. Ле Пен е на второто место со 22 отсто, со што нејзината поддршка порасна за повеќе од 3,5 отсто.
Во вториот круг на 24 април Макрон би ја победил Ле Пен со 53 отсто наспроти 47 отсто, додека во истата анкета пред две недели односот би бил 58 отсто наспрема 42 отсто.
Во првиот круг на третото место би требало да заврши кандидатот на крајната левица Жан Лук Меланшон кој има поддршка од 15 отсто од анкетираните, со што го зголемил својот рејтинг за два отсто.






