Сепак, Пентагон и ЦИА веќе процениле дека руските војници би можеле да го освојат Киев за само неколку дена, што би предизвикало 50.000 цивилни жртви и хуманитарна катастрофа со пет милиони бегалци што ќе ја преплават Европа.
Франција претседава со Европската Унија и медиумите и аналитичарите во ЕУ прават паралела помеѓу решеноста на Макрон, со поддршка на германскиот канцелар Олаф Шолц, да ги претвори ескалацијата и заканата од војна во дипломатија, преговори и мир, исто како што поранешниот француски претседател Николас Саркози во 2008 со посредство во Москва и Тбилиси успеа да го запре рускиот воен упад во Грузија и да издејствува примирје и со тоа да постигне голем светски дипломатски успех за Европа.
Тогашниот руски премиер Владимир Путин (им раскажал тогашниот шеф на француската дипломатија Бернар Кушнер „во доверба“ на група новинари) бил толку лут што грузиската армија ја нападна Јужна Осетија и уби неколку члена на руските мировни сили таму, што му рекол на Саркози дека сака да го фати грузискиот претседател Михаил Саакашвили и „да го обеси за тестиси среде Тбилиси“.
Дипломатите во Брисел сега велат дека е јасно оти Путин можеби е „многу лут, но е пресметлив, и дека затоа никој не знае како ќе заврши сегашната исклучително опасна партија шах околу Украина, која веќе сега е погубна за европската безбедност“.
Единственото нешто што е јасно е дека и покрај сè поголемото договарање меѓу ЕУ и Вашингтон околу преговори со Москва, Европа во суштина нема вистински адут, нудење решение за украинската криза.
Затоа Макрон сега се обидува значително да го зајакне „нормандскиот формат“ во преговорите за спроведување на „Минскиот договор“, во кој Франција, Германија, Украина и Русија со години неуспешно се обидуваат да најдат расплет за украинската драма.
Францускиот претседател ги договори овие посети во претходен телефонски разговор со Путин и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а по враќањето од Москва и Киев во Берлин треба да се сретне со канцеларот Шолц и со полскиот претседател Анджеј Дуда.
Во круговите на ЕУ постоеше идеја, за да може Европа да излезе со некои свои иницијативи за украинската драма, во „Нормандискиот формат“ да се вклучат Америка, Велика Британија и Италија, со што она удирање во воените тапани повеќе ќе се пренасочи кон сериозна дипломатија и преговори, а не само досега видливото американско-руско одмерување на воените сили.
Францускиот весник „Фигаро“ пишува дека меѓу точките на блокадата во спроведувањето на „Минскиот договор“, склопен во 2015 година, е и статусот на сепаратистичките републики Луганск и Доњецк, кои Русија ги поддржува… а Путин бара разјаснување, но Киев, меѓу другото, отфрла каков било директен разговор со раководството на тие сепаратистички области“ во источна Украина, кои се бунтуваат против Киев.
Според „Минскиот договор“, властите во Киев најпрво треба да се согласат на измени на уставот и да им дадат автономија и избори на Луганск и Доњецк, а Киев бара најпрво централната украинска војска и полиција да ја вратат контролата над источната граница кон Русија… со што Доњецк и Луганск би биле отсечени од руската поддршка, а треба да веруваат дека ќе добијат избори и автономија.
Макрон во дипломатските дисаѓи сега се чини дека носи нови предлози до Москва и Киев, кои значително би ја префрлиле големата воена тензија на опипливи преговори за намалување на тензиите и опасностите преку решавање на украинската криза однатре, пред сѐ со договор меѓу Киев и бунтовните источни делови на Украина.
И Европејците, Американците и Русите се согласуваат дека украинската криза е прашање на целокупната европска безбедност, но засега Вашингтон и Москва преговараат за тоа главно „преку нишан“.
Во американскиот одговор на барањето на Русија Западот писмено да се обврзе дека НАТО нема да се шири и да испраќа оружје и војници на исток кон руските граници, особено кога станува збор за Украина, се наведува дека безбедноста во Европа е неделива, исто како што вели и Русија.
Но Путин го постави и прашањето како е можно да се има неделива безбедност на континентот ако е загрозена безбедноста на другиот.
Рускиот претседател вели дека во официјалните документи на Киев е наведена намерата да се „врати Крим, вклучително и со воени средства“, кој Русија го анектираше, и го поставува прашањето дали Русија, доколку Украина стане членка на НАТО, би морала да војува со Атлантската алијанса.
Во писмената реакција до Москва Американците тоа го отфрлија и истакнаа дека Западот и НАТО не се откажуваат од основните права на секоја земја да одлучува за сопствената безбедност и за сојузите во кои ќе влегува за да си го гарантира тоа.
Но Вашингтон не ги урива мостовите за стратегиско решение и нуди, кога станува збор за Украина, „заемни мерки на увид“ и договор дека „и Русија и САД ќе се воздржат од распоредување офанзивни ракетни системи и постојани сили со борбена мисија на територијата на Украина“, а Вашингтон за тоа да се посоветува со Киев.
Соединетите Американски Држави, исто така, бараат од Русија да ги повлече трупите од Украина (тука се мисли на Крим), Грузија (Јужна Осетија и Абхазија) и Придњестровје, кое Западот го смета за дел од Молдавија, и велат дека руските трупи се распоредени таму без одобрение од земјата-домаќин.
Американците велат дека се подготвени со Москва да разговараат и за проверките на тоа што држи Западот во базите во Романија и Полска, а тоа се противвоздушни ракети, додавајќи дека тоа би значело дека таму нема да има офанзивни крстосувачки ракети „томахавк“, односно директни закани за руската територија.
Путин стави до знаење дека е подготвен да ги поддржи француско-германските напори за насочување на украинската криза кон можеби и проширен „нормандски формат“.
Во Европската Унија расте стравот од војна, но и од страшни економски последици и долгорочно нарушување на целокупниот живот на стариот континент.
Јавноста во ЕУ е против војна и затоа иницијативата на Макрон на многу начини е „тропање на отворена врата“ кога станува збор за Европејците.
Затоа што на тоа се гледа не само како обид да се затапи острилото на барањата на Русија, туку и да се реши севкупниот проблем со европската безбедност за сите, вклучително и Русија, и она што Москва го гледа како свои загрозени витални интереси.
Некои аналитичари и медиуми дури сметаат дека „Европа се изложува на опасност од конфликт со Русија што може да биде погубен за Украинците и да ја потопи економијата на Европската Унија“, како што оценува меѓу другото шпанскиот весник „Периодико“.
Според анализата на „Периодико“, има „две погрешни појдовни точки: едната е дека Украина навистина може во скора иднина да стане членка на НАТО и дека Украина може да си го врати Крим“.
Шпанскиот весник посочува на оценката на командантот на германската морнарица Кај-Ахим Шенбах, која предизвика големо внимание во Европа, но кој беше принуден да поднесе оставка, дека Украина не може да влезе во НАТО токму поради конфликтите во Доњецк и Луганск и дека никогаш нема да може да си го врати Крим.
„Периодико“ посочува дека „оваа анализа премолчано ја поддржуваат главните дипломатски претставништва во ЕУ, иако во јавните пораки зборуваат многу поинаку“, и забележува дека и самиот американски претседател Џо Бајден изјавил дека нема шанси Украина да влезе во НАТО.
Високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел изјави дека Унијата силно го поддржува суверенитетот на Украина, нагласувајќи дека „украинската безбедност е и европска безбедност“.
И Американците и НАТО проценуваат дека Русија нема да ја нападне Украина, иако допуштаат да има „ситен упад“, како што рече Бајден, но тоа е поврзано со некаков драматичен пресврт во Донбас, каде што се бунтуваат областите со руско население.
Тогаш решението би било да се пресече „Гордиевиот јазол“ во Донбас, да се имплементира „Минскиот договор“, токму она што се обидуваат да го направат Париз и Берлин и, според многу упатени аналитичари, прашањето за влезот на Украина во НАТО да се „замрзне“ на дваесетина години… што би ги смирило руските стравови и би дало доста време за реорганизација на европската безбедност на потрајна основа.






