Со тоа би се заокружил обрачот околу Србија, а Белград би се довел во ситуација и самиот да бара членство во западниот воен пакт.
Српските аналитичари укажуваат дека оваа тактика за политичко-безбедносна реконфигурација на Западниот Балкан веќе подолго време се разработува во водечките земји на Северноатлантската алијанса.
Според неофицијални информации, влегувањето на Косово и БиХ во НАТО би се одвивало во два клучни чекори. Првиот е да се смени системот на одлучување во самата Алијанса, каде сега е на сила принципот на консензус на државите членки. Доколку се усвои механизам за донесување одлуки со просто или двотретинско мнозинство, би се отстраниле пречките за, на пример, Косово, кое не го признаат пет членки на Европската Унија (Словачка, Кипар, Шпанија, Романија и Грција) да се стави под безбедносниот чадор на НАТО.
Вториот чекор е против волјата на Република Српска и тамошните Срби и БиХ да се протурка во НАТО. Противењето на Србите би било амортизирано со промена на власта во РС, на изборите во БиХ кои се очекуваат во октомври и доаѓањето на прозападно и пронатовски ориентирани политичари на клучните позиции.
За професорот Митар Ковач од Евроазискиот безбедносен форум нема дилема дека ваквото сценарио е многу актуелно и дека единствено не се знае кога ќе биде активирано:
„Прашањето на промена на системот на одлучување во НАТО веќе подолго време е тема, но без придвижување. Меѓутоа, имајќи ја предвид сегашната криза во Европа, особено украинската и сè поголемата афирмација на Русија и Кина како глобални сили, водечките држави на НАТО би можеле да бидат приморани да инсистираат на промена на начинот на одлучување, а под изговор дека тоа е потребно за побрзо да се реагира на опасностите и предизвиците“, вели тој.
Ковач укажува дека Косово од самиот почеток е проектирано како „НАТО држава“, бидејќи пред сè е во интерес на САД и Британија да постои таква територија на овие простори. Промената на механизмот во НАТО, според Ковач, верижно би предизвикала и промена на начинот на одлучување во Европската Унија.






