Во случајот на Словенија Кина одлучи да ги поништи договорите со словенечките компании со кои соработува, и да се повлече од договорот за инвестиции во Словенија откако премиерот Јанез Јанша јавно зборуваше за изградба на подобри врски со Тајван. Словенечко-кинескиот стопански совет во Љубљана објави дека новонастанати проблеми во работењето пријавиле фирми кои соработуваат со Кина и дека мерките се слични на оние кои Кина ги презела во Литванија.
Словенија и Литванија пред Европската Унија ставија геополитички тест, а Брисел засега силно одговара.
Валдис Домбровскис, европскиот шеф за трговска политика, тукушто отвори спор со Кина во Светската трговска организација откако европскиот тим собрал докази дека Кина минатиот месец „остро ги ограничила или де факто го блокирала увозот и извозот со Литванија без предупредување или консултации“.
„Отворањето постапка пред Светската трговска организација не е чекор кој лесно се презема“, им кажа Домбровскис на новинарите.
„Меѓутоа, по неколкуте последователни пропаднати обиди прашањето да се реши по билатерален пат не гледаме друг начин. Европската Унија е решителна во желбата да дејствува единствено и брзо кога станува збор за одлуки кои ги кршат правилата на Светската трговска организација и се закануваат на нејзиниот единствен пазар“, порача Домбровскис.
Од друга страна, Пекинг истакнува дека „обвинувањата се неосновани и неуедначени“. Кинеската дипломатија ја предупреди Европската комисија дека „правната акција“ би можела да ги „грабне“ нивните односи и потенцијално да влијае врз економското заздравување во Европската Унија, особено во Германија.
„Проблемот меѓу Кина и Литванија е од политичка природа, а не економска“, порача Жао Лијиан, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи.
„Ја потсетуваме ЕУ на внимание околу литванскиот обид да ги грабне кинеско-европските односи“, кажа Жао.
Дипломатските проблеми сега, поради Словенија, се шират. Во случајот на Литванија спорот почна со одлуката на Вилнус кон средината на минатата година да отвори тајванско претставништво под тоа име, наместо вообичаеното и од Кина прифатено решение во називот секогаш да се наоѓа главниот град Тајпеј.
Тој потег ја налути и разгневи Кина. Потоа неодамна словенечкиот премиер Јанша за индиска телевизија изјави дека се надева дека Словенија ќе го следи литванскиот пример и ќе размени претставнички канцеларии со Тајван. Јанша кажа и дека Љубљана го поддржува тајванскиот обид да стане член на Светската здравствена организација.
Словенија и Кина досега негуваа добри односи. Словенија беше дел од проектот на кинескиот претседател Си Џинпинг „Еден појас, еден пат“ чија цел е изградба на инфраструктура со која би се зголемило глобалното економско влијание на Кина.






