вторник, 9 декември 2025

Историски пад на бројот на жители на Русија: Минатата година милион луѓе помалку

Објавено на

часот

Сподели

Демографските проблеми се влошени во пандемијата. Според податоците на Росстат, починале повеќе од 660.000 луѓе од потврдата на првата зараза во земјата. Новите бројки го продолжуваат трендот на падот во однос на претходната година кога руското население се намалило за повеќе од половина милион.

Бројките на смртни случаи поврзани со ковид-19, кои месечно ги објавува Росстат, се многу поголеми од бројките на починатите кои ги објавува посебна владина интернет страница посветена на следење на пандемијата во земјата.

Владината страница ги зема предвид само смртните случаи кај кои вирусот е потврден како примарна причина за смртта по обдукцијата и изнесува бројка од вкупно 329.443 смртни случаи. Различните податоци ги разгореа критиките дека руската влада ја намалува сериозноста на пандемијата во една од најтешко погодените земји во светот според бројот на зарази.

Русија се мачи со сузбивањето на пандемијата поради бавното вакцинирање во комбинација со ограничените рестриктивни мерки и затоа што не се почитува масовно носење маски на јавни места.

Бројот на починатите во пандемијата ја влошува демографската слика, поврзана со нискиот наталитет и очекуваниот краток животен век, со кој Русија се соочува во последните 30 години.

Наталитетот е во пад бидејќи генерацијата, од која луѓето сега стануваат родители, е родена во 1990-тите, кога стапката падна поради економската неизвесност по распадот на Советскиот Сојуз. Стапката на фертилитетот е околу 1,5, многу под минималните 2,1 потребни за обнова на населението.

Падот на руската популација е при врвот на внатрешнополитичките приоритети на претседателот Владимир Путин од доаѓањето на власт пред повеќе од две децении.

Во обраќањата до нацијата Путин често ги поттикнува Русите да имаат повеќе деца и да живеат поздраво за да го продолжат животниот век. Владата воведе низа финансиски поттикнувања за родителите кои имаат повеќе од едно дете, како парични бонуси и поволни кредити.

На годишната конференција за медиумите во декември Путин истакна дека 146 милиони луѓе не се доволни за земјата од „геополитички аспект“ и дека тоа влијае на недостигот на работна сила.

Додаде дека е важно да се покаже дека е „радост да се имаат деца“ и дека „нема поголема среќа во животот и на светот“.

„Демографската криза е дефинитивно неуспех на државната политика“, вели Сергеј Захаров, експерт за демографија на Високата економска школа во Москва.

Захаров кажа за Франс прес дека мерките за зголемување на стапката на наталитет ги поттикнуваат семејства порано да имаат деца, но не да го менуваат вкупниот број на саканите деца. Кажа дека владиното влијание на наталитетот е ограничено и дека поместувањето на раѓањата на поран период ќе резултира со „демографски јаз“ во иднина.

За Степан Гончаров од независната организација за истражување Левада центар нискиот наталитет е поврзан со раширената „неизвесност за иднината“. Животниот стандард во Русија континуирано се влошува од 2014 – економијата е погодена од западните санкции, па Русија зависи од енергетскиот сектор, а раширена е корупцијата.

„Луѓето не престанаа да купуваат, им се намалија приходите и заштедите“, вели Гончаров.

Според минатогодишното истражување на интернет сајтот Суперџоб, 43 отсто од Русите немаат никаква заштеда. „Луѓето не ставаат пари на страна и не планираат иднина на семејството“, додава Гончаров.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ