Соединетите Држави во четвртокот соопштија дека Абу Ибрахим ал Хашеми ал Кураиши бил убиен за време на операција на американските специјални сили во северозападна Сирија кога активирал бомба, при што загинале тој и неколку члена на неговото семејство.
„Благодарение на вештината и храброста на нашите вооружени сили, од бојното поле го отстранивме… лидерот на Исламска држава. Сите Американци безбедно се вратија од оваа операција“, изјави американскиот претседател Џо Бајден.
Сириските спасувачи рекле дека најмалку 13 лица, меѓу кои шест деца и четири жени, биле убиени во судирите и експлозиите што одекнале по операцијата, чија цел била куќа во областа Атмех во близина на турската граница.
Бајден во вторникот дал зелено светло за операцијата, но според официјалните претставници, таа била планирана со месеци.
„Знаејќи дека овој терорист решил да се опкружи со семејства, меѓу кои и деца, ние се решивме за упад на специјалните сили, изложувајќи ги нашите луѓе на поголем ризик отколку во случај на воздушен напад“, рече Бајден. „Одлучивме да ги минимизираме цивилните жртви.“
Процедурите на американската војска за спречување цивилни жртви во моментов се под лупа, по грешката во нападот со беспилотно летало во Авганистан, акција што Пентагон првично ја фалеше како успешна.
Портпаролот на Пентагон Џон Кирби во четвртокот рече дека има „силни, силни знаци“ дека милитантната група, а не американските сили, е одговорна за цивилните жртви.
Кирби на новинарите им рече дека САД од областа евакуирале 10 лица, меѓу кои и деца. Американските сили размениле оган со еден од луѓето на Кураиши и неговата сопруга. Обајцата биле убиени, „и, исто така, се чини дека е убиено и едно дете“ во областа, рече тој.
Министерот за одбрана Лилојд Остин претходно во четвртокот рече дека операцијата била осмислена и спроведена така што бројот на цивилните жртви да е сведен на минимум. „Сепак, со оглед на сложеноста на оваа мисија, ќе ја истражиме можноста нашите постапки да им наштетиле на невини луѓе“, рече Остин.
Кураиши (45) ја предводеше Исламска држава по смртта на Абу Бакр ал-Багдади, кој беше убиен во речиси исти околности во октомври 2019 година, кога активираше експлозив за време на американски напад.
Кураиши, откако го наследи Багдади, кој ја предводеше Исламска држава во зенитот на самопрогласениот калифат, дејствуваше главно од сенка, а групата изведуваше бунтовнички напади во Ирак и Сирија.
Бајден го опиша Кураиши како „движечка сила“ зад геноцидот на малцинските Јазиди во северен Ирак и рече дека ја надгледувал мрежата на разграноци на ИСИС од Африка до Авганистан.
Американските власти веруваат и дека Кураиши пред две недели организирал спектакуларен напад врз затвор во кој се наоѓаат припадници на Исламска држава во источна Сирија. Во најголемата операција на оваа екстремистичка група од падот на калифатот, загинаа 77 затворски чувари, четворица цивили, како и 374 напаѓачи и затвореници на ИСИС.
Исто така, кон крајот на јануари, борците на ИСИС нападнаа ирачка воена база североисточно од Багдад, при што загинаа 11 војници.
Според последниот американски извештај, Исламска држава ја презела одговорноста за 182 напади во Ирак и 19 во Сирија во период од три месеци. Иако ова е помалку во споредба со претходните периоди, во извештајот се истакнува дека групата сè уште има капацитет да спроведува смртоносни и сложени операции.
Освен за Кураиши, малку се знае за командната структура на групата, вели Ројтерс и додава дека тоа е резултат на начинот на кој ИСИС сега работи со тајните структури на автономните локални ќелии, наместо со централизирана администрација на калифатот.
Според податоците на коалицијата што на чело со САД се бореше против ИСИС, групата во 2019 година по поразот задржала од 14 до 18 илјади членови, меѓу кои и 3.000 странци, иако тоа не се прецизни податоци.
Аналитичарите тврдат дека многу локални борци му се вратиле на нормалниот живот, подготвени повторно да земат оружје кога ќе се укаже прилика. „Ова е организација што задржа значителен број луѓе“, рече Чарлс Листер од Институтот за Блискиот Исток во Вашингтон. „Она што го видовме во последните шест до 12 месеци, од двете страни на границата меѓу Сирија и Ирак, е показател дека ќелиите на ИСИС се сè поподготвени за смели напади“, рече Листер.
11-годишната граѓанска војна во Сирија и немирите во Ирак од инвазијата на САД во 2003 година беа плодна почва за ИСИС да добие поддршка кај популациите отуѓени од политичката корупција, насилството и етничките и верските поделби.
„Даеш (ИСИС) не е толку моќен како во 2014 година“, рече за Ројтерс Џабар Јавар, висок претставник на силите Пешмерга во северниот ирачки автономен регион Курдистан. „Нивните ресурси се ограничени и немаат силно раководство. Сепак, додека траат политичките спорови, Даеш ќе се враќа“.
Некои стравуваат дека тоа веќе почнало да се случува, а официјални лица и жители во северен Ирак и источна Сирија вината за тоа ја гледаат во ривалствата меѓу вооружените групи. Кога ирачките, сириските, иранските и силите предводени од САД прогласија пораз на ИСИС, тие се свртеа еден против друг низ целата територија со која владееше таа.
Милициите поддржани од Иран сега ги напаѓаат американските сили. Турските сили ги бомбардираат курдските сепаратистички милитанти. Избувнуваат територијални конфликти меѓу Багдад и автономниот курдски регион. Овие тензии ја поткопуваат безбедноста и го спречуваат ефикасното управување со државите, што ја предизвикува конфузијата од која на времето Исламска држава цветаше.
Сепак, некои аналитичари сметаат дека ИСИС ќе остане слаба сѐ додека американските сили се во регионот.
„Убиството на Кураиши е огромен и значаен удар за ИСИС, бидејќи новиот лидер никогаш не доби шанса да им се обрати на членовите на групата“, изјави сирискиот аналитичар Хасан Хасан. „Мислам дека ИСИС ќе остане слаба и под притисок сѐ додека Американците се на терен во Ирак и Сирија“, рече тој.
Убиството на Кураиши донекаде ќе ѝ го врати надворешнополитичкиот кредибилитет на администрацијата на Бајден по жестоките критики поради минатогодишното хаотично повлекување на американските сили од Авганистан.
Кураиши го запознал Багдади во американски затвор
Кураиши, кој исто така ги користел имињата Абдула Амир Мохамед Саид ал-Мавла и Хаџи Абдула Кардаш, во 2008 година бил во американски притворен центар познат како Камп Бука, според студијата на Ферас Килани, дописник на Би-би-си што го интервјуирал Кураиши и спровел истрага за раководството на ИСИС по Багдади.
Камп Бука е озлогласен затоа што во него во исто време се наоѓале членовите на Ал каеда и на ирачката Исламска држава, кои се поврзале за време на својот престој во затвор. Кураиши, кој бил ослободен во 2009 година, наводно во тој затвор се сретнал со Багдади.
Според Килани, Кураиши, кој е роден во мал ирачки град западно од Мосул, помеѓу 2003 и 2004 година се приклучил во џихадистичкиот бунт против американската окупација на Ирак.
Ирачките власти тврдат дека тој во еден момент служел во војската на Садам Хусеин, а во Сирија побегнал во 2017 година.






