сабота, 13 декември 2025

Германија цврсто се држи за руските енергенси – за сега

Објавено на

часот

Сподели

„Во моментов не постои друг начин да се обезбеди снабдување на Европа со енергија за производство на топлина, за мобилност за снабдување со електрична енергија и за индустријата“, кажа германскиот канцелар Олаф Шолц.

Енергијата од Русија е од суштинско значење за секојдневниот живот на граѓаните. Затоа Европската Унија намерно го исклучи снабдувањето со енергенси од санкциите.

Германската влада, заедно со партнерите во Европската Унија, но и пошироко, со месеци работи на наоѓање алтернатива на руските енергенси, тврди Шолц.

„Но, тоа нема да се случи од денес до утре. Затоа наша свесна одлука е да продолжат активностите на економските субјекти со Русија во областа на снабдување со енергија“.

Германскиот министер за стопанство Роберт Хабек веќе се изјасни против забрана за увозот на енергенси од Русија. Тој смета дека ембаргото би било закана за социјалниот мир. Министерот за финансии Кристијан Линднер вели дека на маса е опцијата за сопирање на увозот.

„Во овој момент, меѓутоа, се чини дека е препорачливо да не се презема тој чекор, за да се обезбеди санкциите против Владимир Путин да бидат одржливи“.

Портпаролот на владата Штефен Хебештрајт кажа дека за ембаргото ќе мора да се одлучи на ниво на ЕУ, и дека тоа генерално не е исклучено.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на дополнителни и построги санкции за Русија. Неопходен е, кажа, бојкот на рускиот извоз, а со него и забрана на увозот на нафта и природен гас од Русија. И покрај санкциите, Русија се финансира со извозот на тие суровини.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба кажа за Си-ен-ен:

„Престанете да купувате руска нафта. Руските нафта и гас мирисаат на украинска крв“. Тој повикот го прошири на „сите западни компании“ и ги повика „да се повлечат од Русија од хуманитарни причини“.

Германија е зависна од Русија кога станува збор за фосилните горива. Според податоците на министерството за стопанство, уделот на Русија во увозот на гас во Германија е околу 55 отсто, на јагленот околу 50, а на сировата нафта околу 35 отсто. Во Европската Унија 40 отсто од увезениот гас доаѓа од Русија.

Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен најави дека денес ќе ги изнесе предлозите за брзо одвојување на ЕУ од руските снабдувачи со енергенси. Конкретно, според Фон дер Лаен, ќе станува збор за обезбедување снабдување од сигурни добавувачи надвор од Русија.

Фокусот ќе биде на течен природен гас (ЛНГ) и на гасоводите, бидејќи таа инфраструктура во иднина би можела да се користи и за транспорт на водород, кој е прифатлив за животната средина.

Покрај тоа, би требало да се инвестира во ширење на обновливите извори на енергија, како сонцето, ветерот и водата, како и во зголемување на енергетската ефикасност на зградите и индустриските процеси.

Можни се и нови мерки на поддршка за домаќинствата и претпријатијата кои се особено погодени од актуелниот раст на цените на енергијата.

Првите нацрти на пакетот на Европската комисија веќе протекоа минатата недела. Во него Комисијата предлага и земјите на ЕУ до октомври да ги наполнат своите складишта за гас најмалку до 80 отсто од капацитетите.

За тоа време, САД размислуваат за можноста за воведување ембарго на нафтата. Американскиот државен секретар Ентони Блинкен кажа за Си-ен-ен дека САД и ЕУ во моментов разговараат за тоа прашање. Во тек се „многу активни дискусии“ на таа тема, кажа тој.

„Разговараме со нашите европски партнери и сојузници на координиран начин да ја разгледаме идејата за забрана за увоз на руската нафта“.

Станува збор и за тоа „истовремено да се обезбеди на светските пазари да има доволно резерви нафта“. Според западните медиуми, САД за тоа разговараат и со Јапонија.

Според претседателката на долниот дом на Американскиот Конгрес Ненси Пелоси, таму во моментов се разгледува законодавна иницијатива која денес треба да ја претстават републиканците и демократите.

„Нашиот нацрт подразбира забрана за увоз на руска нафта и енергенси во САД. Со тоа би се прекинале нормалните трговски односи со Русија и Белорусија, но би се направил и првиот чекор кон ускратување на пристапот на Русија во Светската трговска организација“, кажа Пелоси.

Американскиот претседател Џо Бајден претходно изјави дека по тоа прашање „ништо не е исклучено“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ