Ова не е првпат Западот погрешно да го толкува сопственото единство како глобален консензус. Едно лажливо мерило е ситуацијата во Обединетите нации. На гласањето во организацијата претходно овој месец, 141 од 193 земји-членки го осудија флагрантното кршење на меѓународното право од страна на Владимир Путин. Сепак, 35 од оние што се воздржаа сочинуваат речиси половина од светското население. Меѓу нив се Кина, Индија, Виетнам, Ирак и Јужна Африка. Ако на нив им се додадат и оние што беа на страната на Русија, тоа е повеќе од половина.
Згора на тоа, многумина од оние што секогаш се против Русија, сега се претпазливи. Саудиска Арабија го разгледува барањето на Кина да ѝ ја плаќа нафтата во јуани. Тоа би помогнало да се поткопа моќта на доларот. И Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) се оглушија на повиците на Џо Бајден овој месец да го зајакнат производството на нафта, што е ретко игнорирање американски претседател.
ОАЕ минатиот месец беа домаќин на официјална посета на Башар ал Асад, сирискиот диктатор и близок сојузник на Путин, кого САД со право го сметаат за отпадник. Еден од мотивите на ОАЕ за рехабилитација на Асад е тоа што Бајден врши притисок за заживување на нуклеарниот договор со Иран, од кој стравуваат во регионот, што би ги зголемило резервите нафта на глобалниот пазар. Дури и Израел, можеби најблискиот пријател на Америка, претпазливо балансира. Премиерот Нафтали Бенет, кој се најде во улога на посредник меѓу Русија и Украина, е упадливо непристрасен.
Сето ова може да се промени за неколку месеци ако Украина продолжи да ја понижува Русија, а Западот успее да го одржи единството. Сите го сакаат победникот, а земјите што не сакаат да ризикуваат веројатно повторно би застанале на страната на Западот. Поголемите земји што се воздржаа, како што е Индија, која четирикратно го зголеми увозот на нафта од Русија со попуст во споредба со ова време минатата година, би го приспособиле својот став, што предизвикува вознемиреност во Вашингтон. Сепак, колебањето на светот е причина Бајден и Европа добро да размислат.
Еден од предупредувачките знаци е вообичаената тенденција на Западот да полага право на морално лидерство. Ова создава три проблеми. Прво, тоа е лицемерно. Американското јавно мислење не обрнуваше големо внимание на ужасното крвопролевање во Сирија, за кое главниот виновник е Асад. Иако Германија прими еден милион бегалци во 2015 година, поголем дел од остатокот од Западот не го следеше примерот. Британија и САД примија помалку од 50.000 Сиријци. Тоа што Русија го прави во Украина е варварство. Но таа не е единствената. Многумина во муслиманскиот свет, особено, мислат дека Америка применува двојни стандарди. Илјадници цивили се убиени во Ирак и Авганистан од американска муниција, иако не беа намерно гаѓани (за разлика од Украина).
Второ, Западот брзоплето претпоставува дека неговите вредности се универзални. Соединетите Држави оваа недела го прогласија за геноцид насилството на армијата на Мјанмар врз малцинските Рохинџи. Иако Мјанмар, за разлика од Украина, е во соседството на Индија, Нарендра Моди, хинду-националистичкиот премиер на Индија, вложи само симболичен протест. На него несомнено влијаеше фактот дека Рохинџите се муслимани. Индија прими само мал дел од бегалците. И ова и покрај фактот што Индија е демократска држава, за разлика од Кина.
Трето, поголем дел од светот негодува поради западните санкции. Со исклучок на извозот на гориво во Европа, Западот во голема мера се одвои од Русија за еден месец. Тоа беше изведено на фасцинантен начин. Сепак, тоа, исто така, ги потсети другите на способноста на Западот да ги казнува оние со кои не се согласува. Во овој случај, многу е тешко да се тврди дека Западот не е во право. Путин не само што претставува смртна закана за демократските вредности, туку и го величи законот на џунглата. Не е ни чудо што толку многу помали земји ја осудија Русија во ОН.
Одговорот на западната јавност на варварството на Путин е за восхит. Меѓутоа, тој е неизбежно селективен. Колку побрзо западните влади сфатат како ги гледаат големи делови од светот, толку поспособни ќе бидат за водење ефикасна дипломатија.






