четврток, 11 декември 2025

Евтин гас и национализам: со што се соочува НАТО во југоисточна Европа?

Објавено на

часот

Сподели

„Покрај тоа, ослабена е и поради популизмот, Трамп и брегзитот, и Путин тоа се обидува да го искористи за преговори за нов безбедносен поредок во Европа – без САД“, вели германскиот експерт за Дојче веле. Во таква ситуација земјите на НАТО од централна и југоисточна Европа играат невообичаено голема улога.

Од таму, понекогаш, доаѓаат и несогласувачки тонови. Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ предизвика иритација – и не само на домашен терен – кога на крајот на јануари најави дека неговата земја ќе се повлече во случај на конфликт: „Ако дојде до ескалација, ќе се повлечеме, и тоа до последниот хрватски војник“, кажа Милановиќ во Загреб без да прецизира што тоа всушност значи имајќи предвид дека во Украина и нема хрватски војници. Владата на таа членка на ЕУ и НАТО веднаш реагираше: „Претседателот не зборува во име на Хрватска, туку во свое име. Ние сме и ќе останеме лојална членка на НАТО“, кажа министерот за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман.

Најчудното во врска со изјавите на Милановиќ е тоа што ни НАТО, ни САД ни Украина не побараа воен ангажман на Хрватска. „Изјавите на Милановиќ служат за внатрешно-политички потреби и мора да се согледаат во светлото на неговиот постојан судир со премиерот Андреј Пленковиќ“, укажува Филип Милачиќ од канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт во Виена. „Се чини дека Милановиќ во последно време игра на националистичката карта, нарекувајќи го Милорад Додик, лидерот на босанските Срби, „партнер“. Тој би да им служи на хрватските националисти во нивните соништа за прекројување на границата во БиХ со руска поддршка“.

Историјата како руски лобист во Бугарија

Зборувајќи на бугарската телевизија БТВ на 1 февруари, амбасадорката на Русија во таа земја Елеонора Митрофанова кристално јасно објасни што Русија бара од НАТО: повлекување на границите на оние членки кои до 1997 биле во воениот пакт – што значи повлекување на сите НАТО трупи и бази од земјите како Романија и Бугарија. Притоа тие земји, како што кажа Митрофанова, формално би останале членки на НАТО.

Очигледно е дека министерот за одбрана на Бугарија Стефан Јанев нема проблем со таа идеја. Премиерот Кирил Петков мораше во декември јавно да го прекори затоа што на Фејсбук јавно се постави против распоредување НАТО единици во Бугарија. За време на расправата во парламентот Јанев апелираше: „Треба да престанеме да ги читаме странскиот печат и да се бавиме со шпекулации. Треба да бидеме бугарофили и да размислуваме од перспектива на бугарските национални интереси. А ако треба некои НАТО трупи да бидат во Бугарија, тогаш тоа исклучиво треба да бидат бугарските трупи“, кажа Јанев.

Акцентот на „националните интереси“ и во Софија има внатрешно-политичка позадина: откако националистичката партија Препород во декември минатата година влезе во парламентот, притисокот врз владата се зголеми. Тоа дека позициите на бугарските националисти се традиционално проруски е свесна и амбасадорката Митрофанова: „Русија има начин да оствари влијание во Бугарија: преку нашата заедничка историја. Таа е најважниот лобист, најважниот инфлуенсер во нашите односи“.

Шеесет отсто поддршка за НАТО во Романија

Сосема поинаку е во Романија. Со Германија и Полска, Романија е една од земјите во кои се веќе распоредени дополнителни американски и НАТО единици. Според податоците на Институтот за истражување на јавното мислење ИНСКОП рисрч, од сите земји во регионот НАТО има најголема поддршка токму во Романија (60 отсто).

„Дополнителните трупи не само што се добредојдени, туку тие се и политички капитал за владата. Дури ни националистите не се осмелуваат за зборуваат против тоа“, вели за Дојче веле Сорин Јонира, политиколог од аналитичката група од Букурешт Експерт груп.

„Пинчот на Путин“ во Будимпешта

Во фокусот на НАТО распоредувањето е и Унгарија, земја која, како Романија, не само што дели граница со Украина, туку во неа живее и украинско малцинство. Тамошниот премиер Виктор Орбан со години одржува „специјални односи“ со Русија. Тоа што јавно се восхитува на стилот на владеење на Москва и се противи на санкции на Русија му го донесе прекарот „пинчот на Путин“.

На почетокот на февруари Орбан отпатува во Москва во „мировна мисија“, како што истакна. Меѓутоа, во разговорите главно стана збор за рускиот гас, кој Унгарија го плаќа значително под пазарната цена, како и за учеството на Русија во проектот за проширување на нуклеарната централа Пакс. Будимпешта затоа ги избегнува расправите за поголем ангажман на Унгарија во НАТО.

„Деликатно балансирање“ на Босфор

Особено комплексен однос со Русија има Турција, стратегиски важна членка на НАТО: во граѓанската војна во Сирија Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган соработуваат, во Либија поддржуваат спротивставени страни. Прво Ердоган ги отфрли барањата на НАТО партнерите и купи руски противвоздушен систем С-400, а потоа Анкара го снабди Киев со беспилотни летала. Слично како Германија, Унгарија и Бугарија, и Турција зависи од руските гас и нафта.

„За Анкара тоа е деликатно балансирање: Ердоган има посебна врска со Украина и ќе ги поддржи и неа и НАТО, а од друга страна не смее да го налути Путин за овој да не го исклучи гасот или да не се одмазди во Сирија“, вели Асли Ајдинташбаш од Европскиот совет за надворешни односи.

Путиновата понуда на елитите на Западниот Балкан

„За разлика од Западот, Русија точно знае што сака во Источна Европа: да ја врати моќта и сферата на влијание кои ги изгуби по 1991“, кажа за Гардијан експертот за Источна Европа професорот Тимоти Гартон Еш. За да го постигне тоа, Кремљ во југоисточна Европа користи две алатки: евтин гас и национализам. Милачиќ за Дојче веле истакнува: „Русија им нуди на националистичките елити на Западниот Балкан нешто што Западот не им го нуди, барем не гласно – ветување дека границите на Балканот ќе бидат прекроени“.

Па сепак, според Штефан Мајстер, евтиниот гас, национализмот и неединството нема да бидат доволни НАТО да се подели во случај на конфликт: „САД можат моментално да се афирмираат како водечка сила, НАТО е сепак релативно едногласен во политиката на одвраќање, а дури и ако некои помали членки се во недоумица, тие нема да ја доведуваат во прашање својата лојалност на Алијансата. Оружје се испорачува, војници се трупаат и во однос на Русија се добива на време“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ