петок, 12 декември 2025

Европа се гуши во сметки за гас, а Газпром има рекордни профити. Дали е тој руското оружје?

Објавено на

часот

Сподели

„Газпром“ работи одлично: долгогодишниот директор на рускиот енергетски концерн – и пријател на Владимир Путин – Алексеј Милер во јануари објави дека 2021 година била рекордна и во однос на количеството на експлоатираниот гас и по остварениот профит. Затоа што гасот сѐ повеќе се бара, а цените и на гасот и на нафтата вртоглаво пораснаа. Сѐ на сѐ, во касата на Газпром се слева вистински порој од евра и долари.

Акционерите на Газпром имаат на што да се радуваат, иако е сосема јасно кој е најголемиот и најважен сопственик: државата Русија. Но дел од неговите акции е во сопственост и на некои германски концерни, како на пример Е.ОН, а има и мали акционери, кои по правило немаат што да кажат.

„Само Газпром и никој друг!“

Бидејќи односот на овој енергетски концерн со Кремљ е и повеќе од близок: веќе и поради старото пријателство на Милер со Путин, јасно е дека ништо не се решава спротивно од волјата на рускиот претседател. Затоа што Газпром е најголемиот снабдувач на природен гас во светот, а според сопствените тврдења ги има наоѓалиштата со најголеми резерви на гас во Русија и на нашата планета, а за него работи цела армија од половина милион вработени.

Зависноста на Европа од Газпром е огромна: 43% од потрошениот гас на стариот континент доаѓаат од Газпром и има уште една карактеристика од советската ера – само Газпром смее и може да го користи гасоводот за да им продава гас на Европејците, според руските закони. Така, неговиот монопол не може да го загрози дури ни некој друг руски енергетски концерн.

Европејците немаат речиси никаков избор: остатокот од гасот доаѓа од Норвешка, друг голем дел од гасот доаѓа течен од Блискиот Исток и САД, а има испораки и од Алжир и Либија – колку што е можно во денешните околности.

Не се сите европски земји подеднакво зависни од рускиот гас и постои златно правило, колку поисточно, толку повеќе гас од Газпром. Германија почна да увезува гас од Советскиот Сојуз во времето на Брежњев, а и денес е најголемиот купувач, покривајќи 55% од своите потреби со гас од Русија.

Но Георг Захман од Економскиот институт Бригел во Брисел вели дека Русите играат „валкано“ на пазарот: „Газпром ја користи својата доминантна позиција на пазарот со тоа што влијае на количеството на гасот што го испорачува во Европа“.

На рускиот концерн му пречи Европската Унија, тој сака да тргува со поединечни земји, но не и со ЕУ во целина. Десет години ЕУ се обидува да воспостави единствен пазар на гас низ Унијата по обем, каде што, на пример, Германија би купувала руски гас, но потоа би ѝ го проследувала на друга земја-членка или на земја надвор од ЕУ.

Но Газпром не сака ни да слушне за тоа: „Тоа е еден вид натпревар меѓу европските регулативи, кои сакаат да воспостават заеднички пазар со еднакви цени, и Газпром, кој сака да им го продава својот гас по различни цени на одделни земји“, објаснува Захман. А тука, секако, во игра е и политиката.

Тоа најдобро се гледа на слободниот пазар на гас: „Газпром“, точно е, склучи долгорочни договори за снабдување со поединечни земји со гарантирани количества, но ако е потребно повеќе – тогаш тоа е друга работа. „Газпром ги исполнува своите договорни обврски, тоа е точно, но само на најниската граница на загарантирани количества“, вели и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Таа смета дека е „чудно“ што не се нуди повеќе гас, иако побарувачката во Европа оваа зима е висока, а и цените се високи. Ова неизбежно води до прашањето дали тогаш тоа е политиката на Кремљ. Во секој случај, Фон дер Лаен за Ханделсблат изјави дека ова „покренува сомнеж во сигурноста на Газпром“.

„Петтата колона“ на Газпром

Што е уште понеповолно за Европејците, Газпром системски презеде барем дел од сопственоста на компаниите за дистрибуција и складирање гас во буквално сите земји на Европската Унија. Во Германија, на пример, Газпром, преку својата компанија Асторија, го поседува најголемото подземно складиште за гас во Западна Европа во Реден. Ваквите складишта се замислени и да ја ублажуваат нерамнотежата на понудата и побарувачката, но колку вреди складиштето кога е во сопственост на самиот добавувач?

Покрај тоа, испораките на гас во Европа се на рекордно ниско ниво, а Клаудија Кемферт од Германскиот економски институт (ДИВ) смета дека продажбата на Реден никогаш не требало да се дозволи или барем требало да се регулира неговото користење.

По правило, цените на фосилните горива ја одредуваат и нивната понуда: експлоатацијата на некое наоѓалиште се исплати дури кај одредена цена, но потоа тоа трае. Исто така, ќе биде потребно време за Европа повеќе да се сврти кон други извори, иако Фон дер Лаен веќе в понеделник во Вашингтон ќе разговара за дополнителни количества течен гас од САД.

Од друга страна, Кемферт и тука укажува на непромисленоста на Германија во инсистирањето на гасоводот Северен тек 2 – затоа што секако и тој е во надлежност на Газпром.

„Ако си бил послушен…“

Оружјето што го има Газпром – а со тоа и Кремљ – е цената на гасот. Секој обид за воспоставување заеднички европски пазар и резерви на гас Газпром го „урива“ со давање поволна цена за државите што се против таквата иницијатива. На пример, Унгарија неодамна потпиша ексклузивен договор со Газпром по пристапни цени.

Може ли Европа да го скрши толку големото влијание на Газпром на европскиот пазар? Кога само тој нуди речиси половина од потрошениот гас – тешко. „Можете колку сакате да преговарате со некој што ги има сите адути во рацете, но кога гасниот вентил во Москва ќе се затвори, тогаш сме во лоша преговарачка позиција“, рече Георг Захман. Дали Русија навистина целосно ќе ја прекине испораката на гас за Европа? Тоа, се разбира, би било катастрофа, но никој не го очекува тоа: на Русија ѝ се потребни милијардите евра што ги заработува.

За шефот на Газпром, Европа е само една страница од успехот на Газпром, бидејќи тој сака многу повеќе: сака да биде најголемиот енергетски концерн на планетата. Затоа што тргува со нафта и струја и на исток и на запад. На отворањето на Олимписките игри во Пекинг, Путин се договори со Кина за огромно снабдување со гас за таа земја, а Газпром извезува нафта и во самите САД.

Во 2020 година 8% од американскиот увоз на нафта дошле од Газпром – и тоа е повеќе од тоа што на Америка ѝ го испорача нејзиниот сојузник Саудиска Арабија, пишува Дојче веле.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ