петок, 12 декември 2025

Економист за состојбата во БиХ: Босна е повторно на раб на распад

Објавено на

часот

Сподели

Лондонскиот весник наведува дека БиХ се соочува со најсериозната криза од воената 1995 година. Се осврнува на уредувањето на земјата под Дејтонскиот договор навестувајќи дека таквиот систем помага во зачувувањето на мирот, но пружа и големи можности за корупција.

„Сега оваа структура е загрозена. Милорад Додик, српскиот член на тричленото Претседателство на земјата, сака да ги укине овластувањата кои Република Српска ги дала на босанската држава. Тоа е сецесија во сè освен по името. Најексплозивниот предлог е повторното формирање на војската на РС. Додиковата игра на моќ почна во јули, откако високиот претставник наметна закон со кој е незаконско негирањето дека злосторството во Сребреница е геноцид“, се наведува во текстот.

Се додава дека во меѓувреме ХДЗ, главната партија на босанските Хрвати, се заканува со блокирање на најавените годинешни избори.

„Со години ХДЗ се противи на фактот дека Бошњаците и Хрватите заеднички гласаат за босанските и хрватските претставници на Федерацијата во Претседателството. Затоа Жељко Комшиќ, кој би требало да биде претставник на Хрватите, се бира главно со бошњачки гласови. Комшиќ се противи на измената на изборните правила за гласачите од Федерацијата да се поделат по етничка припадност, тврдејќи дека ХДЗ и Додик се обидуваат да го постигнат она што на сепаратистичките лидери не им успеало за време на војната. Оние кои му се закануваат на босанскиот устав треба да бидат уапсени“, пишува британскиот весник.

Се заклучува и дека аргументите за етничките поделби ги оставаат неспособните политичари да владеат.

„Земјата има втор најголем број на умрени од короната во Европа во однос на бројот на жители. На премиерот на Федерацијата му се суди за корупција во набавката на респиратори. Во РС е користен евтин индустриски кислород за пациентите со корона наместо медицински“, се наведува во текстот.

Паравоената полиција на Република Српска на 9 јануари маршираше на парада по повод 30-годишнината на овој ентитет, иако уставниот суд го прогласи празникот за незаконски. Со Додик парадата ја гледаше рускиот амбасадор. На петти јануари САД му воведоа санкции на Додик поради обид за опструкција на Дејтон и корупција. Дел од европските земји ќе го следат примерот, но не и ЕУ во целина, бидејќи Унгарија, која го поддржува Додик, нема да дозволи“, се заклучува.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ