сабота, 13 декември 2025

Десничарите и популистите се оградуваат од Путин: „Отиде многу подалеку отколку што мислев“

Објавено на

часот

Сподели

Восхитот се судри со реалноста

Некои од најгласните популистички лидери во Европа, како што се Италијанците Матео Салвини или Ерик Земур и Марин Ле Пен од Франција, кои со години го поддржуваа Владимир Путин, сега се оградуваат од рускиот претседател, пишува Волстрит џурнал.

Според американскиот весник, она што европските популисти го виделе кај Путин е сродна душа, лидер подготвен да ги игнорира правилата на меѓународната соработка што настанаа по Втората светска војна, потпомогнати од воената моќ на НАТО.

Му се восхитуваа на национализмот на Путин и неговата длабоко вкоренета недоверба кон Соединетите Држави, пишува весникот и додава дека поддршката за европските популистички лидери беше начин Путин да го раздрма западниот естаблишмент без да испука ниту еден куршум.

Таа восхитеност, посочува Волстрит џурнал, сега се судира со реалноста на Путиновите сили во Украина.

Некои популисти побрзаа да се дистанцираат, означувајќи ја агресијата на Путин како проблем од историски размери.

Други се обидуваат да постигнат рамнотежа, отфрлајќи ги постапките на Путин, но признавајќи дека местото му е во нивното политичко срце.

„Мислам дека на некој начин сите му се восхитуваат на Путин, но искрено, мислам дека тоа што го направи е многу за осуда“, рече Ле Пен во петокот, 25 февруари, додека еден ден претходно Салвини, лидерот на италијанската партија Лига, напиша на Твитер дека „најостро ја осудува воената агресија“, иако не го спомна Путин по име.

Поддршката за Путин е поврзана и со популистичкото противење кон западните институции како што е НАТО, пишува весникот.

„Јас кога би бил претседател, би го напуштил НАТО“, изјави Земур, кандидат на крајната десница на претседателските избори во Франција во април, за француското радио неколку дена пред Русија да ја почне инвазијата.

На 26 февруари Земур го промени својот тон, велејќи: „Русија синоќа одлучи да ја нападне Украина. Безрезервно ја осудувам оваа употреба на сила“.

Дамка од новата репутација

Нападот на рускиот моќник врз Украина, за кој многу негови десничарски поддржувачи велеа дека нема да се случи, појасно го претстави рускиот претседател како глобална закана. Дамката на новата репутација на Владимир Путин се заканува да ги оцрни и неговите обожаватели меѓу популистите – од Франција, Германија, САД до Бразил, пишува Њујорк тајмс.

Некои аналитичари веруваат дека членовите на меѓународната ултрадесница, кои уживаа посебен однос и финансиска поддршка од Путин, се „во сериозна неволја“, пишува весникот и додава дека Путиновата војна предизвикала политички болно и веројатно скапо соочување на кандидатите на крајната десница во Франција пред претседателските избори во април.

Меѓу нив е и Марин Ле Пен, лидерка на екстремно десничарската партија Национален собир, која претходно доби кредит од руска банка и велеше дека руската анексија на Крим не е незаконска.

Во Британија, Најџел Фараж, клучниот поддржувач на брегзитот, не веруваше дека Путин ќе ја нападне Украина.

„Па, згрешив“, напиша тој на Твитер на 24 февруари, иако остана на ставот дека Европската Унија и НАТО непотребно ја испровоцирале Русија со проширувањето.

„Путин отиде многу подалеку отколку што мислев дека ќе оди“, напиша тој.

Другите десничарски сили низ Европа се обидоа да го затворат кругот со осуда на насилството, но со тргање на вината од Путин.

Александар Гауланд, клучна фигура во германската екстремно десничарска партија АфД, на 24 февруари рече дека инвазијата е „резултат на минатите неуспеси“ и за тоа го обвини ширењето на НАТО кон исток по Студената војна.

Според Њујорк тајмс, Путин бил попопуларен во источниот дел на Германија, која беше под управа на комунистите, каде што АфД има своја политичка база.

Во Соединетите Американски Држави, поранешниот претседател Доналд Трамп, чиј мандат беше обележан со симпатии кон рускиот водач, што ги збуни неговите западни сојузници, во средата (23 февруари) рече дека Путин бил „многу паметен“ и направил „генијален“ потег прогласувајќи ги регионите на Украина како независни држави. Сепак, додава весникот, откако почна инвазијата, Трамп предупреди на „светска војна“, велејќи дека „Владимир Путин ја почна оваа војна“.

Непријатниот молк на Болсонаро

Неколку часа откако Русија го почна нападот врз Украина, Бразилците од сите идеологии застанаа во ред за да ја критикуваат агресијата – претседателски кандидати, политички коментатори, потпретседателот – сите освен најважниот политичар во земјата: претседателот Жаир Болсонаро, објави Вашингтон пост.

Болсонаро, кој минатата недела се ракуваше со Владимир Путин во Москва и ја објави солидарноста на Бразил со Русија, не го коментираше нападот врз Украина на 24 февруари.

Според вашингтонскиот весник, неговиот непријатен молк го подвлече политичкиот предизвик со кој сега се соочуваат политичарите низ светот додека се обидуваат да го надоврзат своето претходно изразено восхитување кон Путин со нападот што масовно се осудува.

Одлуката на Болсонаро да ги посети Москва и Путин на 16 февруари, на работ на она за што западните сили предупредуваа дека е неизбежен руски напад, на тамошните аналитичари им се чинеше како сериозна политичка погрешна процена.

По патувањето, Болсонаро сугерираше дека влијаел на намалување на руските воени сили на границата, по што неговите политички сојузници му честитаа за „намалувањето на тензиите меѓу Русија и Украина и спречувањето трета светска војна“.

Неговото тврдење се покажа неточно, предизвикувајќи, како што пишува Вашингтон пост, осуда од критичарите и непријатен молк од неговите поддржувачи, од кои многумина сега изразуваат солидарност со Украина.

„Срамно патување“, рече Матијас Аленкастро, политиколог од бразилскиот Федерален универзитет Еј-би-си.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ