петок, 12 декември 2025

Дали Владимир Путин е во право?

Објавено на

часот

Сподели

Во септември 1993 година рускиот претседател Борис Јелцин напиша долго писмо до американскиот претседател Бил Клинтон, вели Шпигл. Писмото, адресирано до „Драг Бил“, почнуваше со спомнување на „искрената размена на мислења“ меѓу двајцата лидери. И тогаш Јелцин почна.

Полска, Унгарија и Чешка беа заинтересирани за приклучување кон Северноатлантскиот договор (НАТО), што го загрижуваше рускиот претседател. Се разбира, истакна Јелцин, секоја земја може сама да одлучи во кој сојуз би сакала да се приклучи. Но руската јавност, продолжи тој, источното проширување на НАТО го гледа како „како еден вид неоизолација“ на Русија, фактор, инсистираше тој, што мора да се почитува. Јелцин, исто така, се осврна на Договорот „Два плус четири“, кој се однесува на повторното обединување на Германија во 1990 година. „Духот на договорот“, напиша тој, „ја исклучува опцијата за проширување на зоната на НАТО на исток“.

Тоа писмо беше првпат Русија да го обвини Западот дека го прекршил зборот. И покрај фактот што Американците го отфрлија обвинението, решение за конфликтот никогаш не беше пронајдено – ситуација што имаше далекосежни последици, кои се протегаат до денес. Во суштина, нема друго историско прашање што толку ги затруло односите меѓу Москва и Западот во последните три децении како несогласувањето околу тоа што, прецизно, било договорено во 1990 година.

„Бесрамно нѐ измамивте“

Во годините што следуваа откако Јелцин го испрати своето писмо, НАТО прими 14 земји од Источна и Југоисточна Европа во алијансата. А Кремљ се жалеше дека е измамен со секој чекор од тој процес. Токму неодамна актуелниот руски претседател Владимир Путин се пожали: „Бесрамно нѐ измамивте“.

Фокусот на гневот на Кремљ веќе не е исклучиво на договорот „Два плус четири“, туку во суштина на сите договори преговарани од падот на Берлинскиот ѕид. „Ни ветивте во 1990-тите дека (НАТО) нема да мрдне ниту педа на исток“, рече Путин кон крајот на јануари. И тој ја користи таа историја за да ги оправда своите сегашни барања за писмени гаранции дека Украина никогаш нема да биде прифатена во западниот сојуз.

Но тоа не е сѐ. На крајот на јануари, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров напиша отворено писмо до своите западни колеги во кое наведе и други спогодби. Особено, тој се фокусираше на Повелбата за европска безбедност, вкоренета во договорите постигнати во 1990 година. Западот и Истокот тогаш се согласија дека секоја земја има право слободно да го одбере сојузот чиј дел сака да биде, потенцирајќи ја „безбедносната неделивост“. Подоцна, тоа стана „обврска на секоја држава да не ја зајакнува својата безбедност на сметка на безбедноста на другите држави“, како што експлицитно споменува Лавров во своето писмо.

Значи, дали Путин е во право кога чувствува дека Русија е измамена од проширувањето на НАТО кон исток?

Ширење на НАТО кон исток

Има многу извештаи од различни сведоци за различните дискусии меѓу Западот и Москва по падот на Берлинскиот ѕид. Во 1990 година, вистинска армија од политичари и високи функционери од Москва, Вашингтон, Париз, Лондон, Бон и Источен Берлин се состана на дискусии за обединувањето на Германија, за разоружувањето и на НАТО и на Варшавскиот пакт, и за новата повелба за Конференцијата за безбедност и соработка во Европа (КЕБС) – која во 1995 година стана Организација за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

„Категорични гаранции“

Но сеќавањата на учесниците не се совпаѓаат секогаш. Ролан Думас, кој беше министер за надворешни работи на Франција во 1990 година, подоцна ќе рече дека е дадено ветување дека трупите на НАТО нема да напредуваат поблиску до територијата на поранешниот Советски Сојуз. Но тогашниот државен секретар на САД, Џејмс Бејкер, негираше дека некогаш било дадено такво ветување – тврдење што го побија дури и некои сопствени негови дипломати. Џек Метлок, кој во тоа време беше амбасадор на САД во Москва, рече дека на Советскиот Сојуз му биле дадени „категорични гаранции“ дека НАТО нема да се шири кон исток.

Посебно збунувачки се верзиите на разговорите што ги даде Михаил Горбачов, последниот лидер на Советскиот Сојуз. Во една прилика тој рече дека германскиот канцелар Хелмут Кол и Американците му ветиле дека НАТО „нема да се помести ниту сантиметар на исток“. Но во друга прилика, тој рече дека „за темата на проширување на НАТО никогаш не се дискутираше“ – сепак тој инсистираше дека Западот го прекршил духот на договорите постигнати во тоа време.

За среќа, достапни се многу документи од разните земји што учествуваа во разговорите, вклучително и белешки од разговори, транскрипти од преговорите и извештаи. Според тие документи, САД, Обединетото Кралство и Германија му сигнализирале на Кремљ дека членството во НАТО на земји како Полска, Унгарија и Чешка не доаѓа предвид. Во март 1991 година, британскиот премиер Џон Мејџор за време на посетата на Москва вети дека „ништо слично нема да се случи“. Јелцин изрази големо незадоволство кога на крај таков чекор сепак беше преземен. Тој го одобри проширувањето на НАТО кон исток во 1997 година, но се пожали дека тоа го сторил само затоа што Западот го принудил.

Се разбира, не постои правно обврзувачки договор меѓу двете страни од периодот по падот на Берлинскиот ѕид. Пресудата за тоа дали Западот го прекршил зборот зависи само од тоа колку некој верува дека уверувањата дадени од Мејџор и другите биле обврзувачки.

Борбата за проширувањето на НАТО кон исток почна во јануари 1990 година со иницијатива на германскиот министер за надворешни работи Ханс-Дитрих Геншер. Низ цела Источна Европа луѓето ги соборуваа владите-вазали на Москва, а Геншер беше загрижен за можниот одговор на Кремљ. Тој сè уште имаше живи спомени од бунтот во Унгарија во 1956 година. Кога еден елемент од бунтот се обиде да се повлече од Варшавскиот пакт и да воспостави поблиски врски со Западот, Советите тргнаа да го задушат бунтот. Геншер сакаше да избегне тоа да се повтори и беше подготвен да направи широки отстапки за Кремљ.

Во говорот на 31 јануари 1990 година, тој предложи НАТО да издаде изјава во која ќе се вели: „Што и да се случи со Варшавскиот пакт, нема да има проширување на територијата на НАТО на исток и поблиску до границите на Советскиот Сојуз“. Говорот на Геншер беше добро прифатен од сојузничките влади во Велика Британија, САД, Франција и Италија. Во разговор со својот колега во Лондон, Геншер рече дека му требаат гаранции дека „Унгарија нема да стане дел од западниот сојуз во случај на промена на владата“.

Неговиот американски колега Бејкер „не беше баш воодушевен“ од идејата, но сметаше дека тоа е „најдоброто што го имавме во моментот“. Примарната грижа меѓу западните сојузници беше дали Германија и како обединета ќе остане во НАТО, а не иднината на источноевропските земји, кои сè уште беа во Варшавскиот пакт.

Решен проблем

Во почетокот на февруари, Геншер и Бејкер ја претставија идејата во Москва независно еден од друг. Германскиот министер за надворешни работи го увери Кремљ дека: „За нас, сигурно е дека НАТО нема да се шири на исток. А тоа важи генерално“, очигледно мислејќи и надвор од Источна Германија. Американецот, од своја страна, даде „цврсти гаранции дека јурисдикцијата или силите на НАТО нема да се движат кон исток“. Кога Горбачов рече дека проширувањето на НАТО е „неприфатливо“, Бејкер одговори: „Се согласуваме со тоа“.

Подоцна, Бејкер ќе рече дека мислел само на Германија. Наводно, нему му било непријатно што преговара со Советите на штета на Будимпешта и Варшава. Геншер, исто така, ја намалуваше важноста на својата посета на Москва, подоцна велејќи дека сакал да го „насети“ советскиот одговор, ништо повеќе. Кратко време потоа почнаа преговорите „Два плус четири“, продолжувајќи до септември 1990 година. Советите, рече Геншер, никогаш повеќе не се вратија на прашањето за проширување на НАТО во Источна Европа, факт што тој протолкувал дека значи дека проблемот е решен.

Има простор за сомнеж во врска со оваа верзија на настаните. Уште во февруари 1990 година, не беше тајна дека некои источноевропски земји почнаа да сонуваат за евентуално членство во НАТО. Весниците пишуваа за тоа, а советските функционери во неколку наврати им го споменаа на западните политичари. Без успех. Западот даваше само општи уверувања. Американскиот претседател Џорџ В. Буш, на пример, рече: „Ние немаме намера, дури ни во нашите мисли, да му наштетиме на Советскиот Сојуз на кој било начин“. Францускиот претседател Франсоа Митеран му рече на Горбачов дека „лично се залага за постепено расформирање на воените блокови“. Генералниот секретар на НАТО Манфред Ворнер подоцна го изрази своето јасно противење на проширувањето на западната алијанса.

Пораката беше јасна. Ако Горбачов даде согласност за повторно обединување на Германија во НАТО, Западот ќе се стреми кон воспоставување западна безбедносна архитектура што ќе ги почитува интересите на Москва.

Неформалните гаранции не беа невообичаени за време на Студената војна. Американскиот политиколог Џошуа Шифринсон ги споредува дискусиите од 1990 година со вербалните договори направени меѓу Американците и Советите што доведоа до олеснување на кубанската ракетна криза во 1962 година.

Ваквиот поглед на ситуацијата е поткрепен од фактот дека на Горбачов му беше исклучително тешко да го прифати членството во НАТО за повторно обединетата Германија. Тешко е да се замисли дека шефот на Кремљ ќе се согласел на таков чекор доколку верувал дека ветувањата од Бон, Лондон, Париз или Вашингтон не се искрени. Всушност, германската влада на крај мораше да прифати посебен статус за државите што порано ѝ припаѓаа на Источна Германија, гарантирајќи дека регионот во принцип нема да прима војници од членките на НАТО-алијансата или која било друга земја.

Со оглед на достапните документи, некои дури шпекулираат дека Западот намерно ги доведувал во заблуда Советите уште од самиот почеток. Во секој случај, неколку недели по неговото патување во Кремљ, Бејкер јасно му кажа на Геншер дека некои источноевропски земји се желни да се приклучат на НАТО, што од Геншер предизвика одговор дека прашањето „засега не треба да се чепка“. Формулација што ги задржа сите опции на маса за подоцна.

Администрацијата на САД во тоа време, исто така, содржеше влијателни тврдокорни лица како секретарот за одбрана Дик Чејни и неговиот неоконзервативен државен потсекретар Пол Волфовиц. Тоа беа луѓе што сонуваа да ги развијат САД во единствената глобална суперсила и го гледаа НАТО првенствено како алатка за да се потврди доминацијата на САД во Европа. Интересот што го покажуваа земјите од Источна Европа за приклучување кон алијансата беше корисен во тој поглед. Министерството за одбрана бараше НАТО да ја остави „вратата подотворена“.

Се чини дека таквите изјави ги поткрепуваат тврдењата на Путин дека Западот намерно ја „измамил“ Русија. Сепак, тој став, по својата едноставност, е погрешен.

1990-тите беа декада на добри намери и огромни илузии, од двете страни. Горбачов вети дека Кремљ ќе воведе демократија, ќе ги почитува човековите права и ќе го признае правото на земјите на самоопределување. Тој дури ја отвори можноста самиот Советски Сојуз да стане членка на НАТО. Неговиот наследник Јелцин изрази слична увереност, тврдејќи дека „ние стануваме друга земја“.

Растечка недоверба

Источната империја некое време изгледаше како да е подготвена за реформи. И со тој впечаток на ум, Кол, Геншер, Буш и неговиот наследник Клинтон навистина сакаа да го трансформираат НАТО и сериозно да ги сфатат интересите на Кремљ. Сепак, имаше една потенцијално значајна контрадикторност: од една страна, сите земји беа наводно обединети со „безбедносната неделивост“, додека од друга, секоја земја наводно имаше право да одлучи во кој сојуз сака да се приклучи. Сепак, во тоа време се чинеше дека тоа е само теоретски проблем.

Згора на тоа, Клинтон, Кол и другите со години го одбиваа членството во НАТО за Полска, Унгарија и Чешка. Таквата експанзија се сметаше за премногу скапа, новите демократии во тие земји изгледаа премногу кревки, а нивните војски беа премногу реакционерни. Но тогаш, реформскиот процес во Русија забави и недовербата почна да расте. А републиканците, од своја страна, сфатија дека прашањето за проширено членство во НАТО е корисно за добивање политички поени против Клинтон. Многу Американци со источноевропски корени живееја во одлучувачките колебливи држави на средниот запад. Што го наведе Клинтон на крај да одлучи да го прошири сојузот.

Притоа, Западот не прекрши ниту еден договор, но сепак некои учесници беа загрижени. Години подоцна, Геншер рече дека проширувањето е добро од формално-правна гледна точка. Но невозможно е да се негира, рече тој, дека тоа е спротивно на духот на спогодбите постигнати во 1990 година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ