петок, 12 декември 2025

Дали Русите ја поддржуваат инвазијата – што покажуваат анкетите

Објавено на

часот

Сподели

Седумдесет и еден процент од Русите ја поддржуваат „специјалната воена операција“ во Украина, 21 отсто не, а осум отсто се неодлучни.

Ова се резултатите од анкетата спроведена на 5 март од страна на рускиот центар за истражување на јавното мислење ВСЈОМ.

Седумдесет отсто од испитаниците рекле дека веруваат оти операцијата се одвива поволно за руската армија.

Фондот за јавно мислење ФОМ (кој главно спроведува анкети нарачани од администрацијата на претседателот) дава слична слика.

Неговите резултати покажуваат дека 65 отсто од Русите ја одобруваат воената операција во Украина, 17 отсто не ја одобруваат, а 18 отсто се неопределени.

Независната анкета на рускиот опозициски активист Алексеј Мињаил „Дали Русите сакаат војна?“ исто така покажа вознемирувачки резултати за оние што се против војната.

Педесет и еден процент од испитаниците се изјасниле со „да“, додека само 27 отсто со „не“.

Еден од заклучоците на анкетата е дека мнозинството од оние што ја поддржуваат војната имаат доверба во државните медиуми (73%), додека 85% од оние што се против војната немаат доверба во нив.

Повеќето од оние што активно протестираат против инвазијата на Украина се млади, помлади од 30 години.

Тие и натаму може да очекуваат да бидат повикани во војска или неодамна го отслужиле воениот рок.

Анализата на социјалните мрежи носи сосема поинаква слика од онаа создадена врз основа на телефонските анкети.

Околу 52 отсто од објавите на оваа тема на рускиот интернет ја поддржуваат војната, додека 30 отсто се против.

Без разлика дали се за војната или против, 30 отсто од Русите сочувствуваат со Украинците.

Истражувањата покажуваат дека ова најчесто чувство е изразено во сите објави.

Цензура на дело

Украинските телевизиски и новински веб-страници се полни со грозоморни слики од војната: бомбардирани станбени блокови во урнатини, мртви и ранети цивили, голем број изгорени и уништени руски воени механизации.

Украинските официјални страници на социјалните мрежи се преплавени со десетици видеа на заробени руски војници и офицери, крв и трупови.

Но ако гледате руска телевизија, нема да видите извештаи за неуспеси и загуби на руската армија.

Една недела откако руските војници влегоа во Украина, владата донесе закон со кој строго се казнува споделувањето неверодостојни извештаи за руската армија.

Ширењето какви било извештаи што владата ги смета за неверодостојни сега се казнува со до 15 години затвор.

На руските медиуми им беше забрането да ја нарекуваат инвазијата на Украина војна и им беше кажано да се држат до терминот „специјална операција“.

Медиумите што не ги исполнија барањата на цензорите беа масовно затворани. Речиси сите независни медиуми беа затворени во првите недели од војната, вели Би-би-си.

Пред почетокот на конфликтот, речиси секој руски медиум што му се противи на Кремљ и изразува независни ставови беше означен како „странски агент“.

„Сѐ зависи како го поставувате прашањето“

Мора внимателно да ги читате формулациите, вели Алексеј Бесуднов, предавач по социологија на Универзитетот во Ексетер, за рускиот независен сајт Медуза.

Процентот на оние што поддржуваат и процентот на оние што се против во голема мера зависи од начинот на кој го поставувате прашањето.

Што поддржувате? Секој различно го поставува тоа прашање.

Всјом праша: Дали ја поддржувате одлуката на Русија да спроведе специјална воена операција во Украина?

Ова се чини како неутрално прашање, но не е, бидејќи ако прашате: „Дали ја поддржувате одлуката?“, ќе добиете поинаков одговор отколку ако прашате: „Што мислите за специјалната воена операција?“.

Потоа, ако прашувате за специјална воена операција, тоа е едно прашање. Но ако прашате за инвазија на Украина или војна во Украина, тоа е сосема друго прашање.

Многу зависи од тоа како ќе го формулирате прашањето, вели Бесуднов.

Освен тоа, замислете некое непознато лице да ви се јави на телефон и да ве праша за воената акција во Украина. Повеќето луѓе би биле многу внимателни што се однесува на искрен одговор.

А многумина не ни знаат што навистина мислат. Тие ќе го формулираат мислењето за време на интервјуто, под влијание на оној што ги интервјуира, во зависност од тоа како зборува, во која насока го води разговорот.

Мислењето на испитаникот може да биде контрадикторно, што поддржува, што не поддржува.

Она што дефинитивно можеме да го кажеме за овие анкети е дека 50-70 отсто од Русите веројатно се склони да ги поддржуваат владините одлуки.

Дали е тоа многу? Да, дефинитивно е многу, вели тој.

Но ако 50-70 проценти го поддржуваат, тогаш 30-50 проценти се против или барем се двоумат. А и тоа е многу.

Исто така, постојат големи разлики меѓу социоекономските групи, а најголеми разлики има меѓу возрасните групи.

Повеќето луѓе помлади од 30 години во Русија не ја поддржуваат „специјалната воена операција“.

Ова е особено изразено во големите градови, а особено во Санкт Петербург – девет од десет луѓе на пензионерска возраст поддржуваат.

Многу зависи од тоа од каде ги добивате информациите. Повеќето постари Руси информациите ги добиваат од телевизија. Ја гледаат секој ден и постојано го слушаат наративот за борбата против нацистите и другата пропаганда што постојано ја води државата, вели Бесуднов.

Младите гледаат телевизија многу поретко и првенствено користат интернет, па нивната информативна средина е сосема поинаква.

Исто така, постои голема разлика помеѓу мажите и жените. Средовечните жени се особено помалку склони да поддржуваат војна.

Има разлика, иако не голема, и меѓу луѓето што студирале и оние што не студирале.

Особено во градовите, првите се многу помалку склони да ја поддржат инвазијата.

Така, не постои некаков единствен импулс или општа согласност, а постои значајно и критичко малцинство. Колку е тоа навистина важно многу зависи од тоа што прашувате, а јас очекувам таа бројка да се промени со текот на времето, вели Бесуднов.

Добро е да се спроведуваат истражувања и да се објавуваат резултатите, но мораме критички да им пристапиме и внимателно да го проучиме начинот на кој се поставуваат овие прашања.

Имаме две државни и две независни анкети. Независните покажуваат пониско ниво на поддршка, но разликата не е голема.

Мерењето на јавното мислење е вештина, ФОМ и ВСЈОМ се искусни во тоа и го прават тоа професионално.

Но тие добија задача, која мора да ја извршат.

Ништо не фалсификуваат, но мислам дека се ограничени затоа што се толку блиски до власта.

Мислам дека не ги објавуваат сите информации што ги собрале.

Важно е да се знаат тие бројки, но не смееме слепо да им веруваме, мора да разбереме што се крие зад нив, вели Бесуднов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ