Караганов се поврзува со голем број клучни идеи за руската надворешна политика, од таканаречената Караганова доктрина за правата на етничките Руси што живеат во странство до принципот на „конструктивно уништување“, познат и како „доктрина на Путин“. Караганов е близок и со Путин и со неговиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и има формулирано многу идеи што доведоа до војна во Украина, пишува Њу стејтсмен.
На првото прашање – зошто Русија ја нападна Украина – тој вели:
„Веќе 25 години луѓето како мене велат дека ќе има војна ако НАТО и западните сојузи се прошират надвор од одредени црвени линии, особено во Украина. Тоа сценарио го замислив уште во 1997 година.
Во 2008 година претседателот Путин рече дека ако членството на Украина во алијансата стане опција, тогаш Украина нема да постои. Не го слушаа. Значи, првата цел е да му се стави крај на проширувањето на НАТО. Додадени се уште две цели: едната е демилитаризација на Украина, другата е денацификација, бидејќи во руската влада има луѓе загрижени за порастот на ултранационализмот во Украина до тој степен што мислат дека почнува да наликува на Германија во 1930-тите. Исто така, постои цел во Донбас да се ослободат републиките од осумгодишно континуирано бомбардирање“, рече тој.
Во продолжение дел од интервјуто:
Што мислите, која би била крајната цел на Кремљ во овој момент? Што би се сметало за успешен исход од инвазијата?
Не знам каков ќе биде исходот од оваа војна, но мислам дека ќе вклучува поделба на Украина, на еден или друг начин. Се надеваме дека на крајот сепак ќе остане нешто што се нарекува Украина. Но Русија не може да си дозволи пораз, па ни треба своевидна победа.
А ако има чувство дека ја губиме војната, тогаш мислам дека постои дефинитивна можност за ескалација. Оваа војна е еден вид прокси-војна меѓу Западот и другите – Русија е, како што беше во историјата, врвот на „другите“ – за идниот светски поредок. Влогот на руската елита е многу голем, за нив тоа е егзистенцијална војна.
Зборувавте за демилитаризација на Украина, но се чини дека таквата цел нема да се постигне доколку Западот продолжи да ѝ дава оружје. Дали мислите дека Русија ќе биде во искушение да го запре овој протек на оружје и дали тоа ризикува директен конфликт меѓу НАТО и Русија?
Апсолутно! Постои зголемена веројатност за директен конфликт. И не знаеме каков би бил исходот од ова. Можеби Полјаците би се спотепале, тие секогаш се спремни. Знам како историчар дека членот 5 од Договорот за НАТО е безвреден.
Според членот 5 – кој на една држава ѝ дозволува да бара поддршка од другите членки на алијансата – никој всушност не е обврзан да се бори во име на други, но никој не може да биде целосно сигурен дека нема да има таква ескалација. Знам и од историјата на американската нуклеарна стратегија дека е малку веројатно дека САД ќе ја одбранат Европа со нуклеарно оружје.
„Неверојатно опасен свет“
Но тука сè уште постои шанса за ескалација и се надевам дека ќе биде постигнат некаков мировен договор меѓу нас и САД, и меѓу нас и Украина, пред да преминеме во тој неверојатно опасен свет.
Ако Путин побара совет од Вас, дали би му рекле дека членот 5 треба да се сфати сериозно или не? Од Вашите зборови сфаќам дека според Вас ова не треба да се сфати сериозно.
Може да се случи членот 5 да функционира и земјите да се здружат во одбрана на други. Но против нуклеарна земја како Русија… се прашувам? Да го кажеме тоа вака: ако САД интервенираат против нуклеарна земја, тогаш американскиот претседател што ја носи таа одлука е луд, бидејќи тоа не би било 1914 или 1939 година; ова е нешто поголемо. Затоа, не мислам дека Америка воопшто би можела да интервенира, но ние веќе сме во многу поопасна ситуација отколку пред неколку недели. А членот 5 не претпоставува автоматски обврски.
Што значи „ескалација“ во овој контекст?
Па ескалација во овој контекст значи дека соочена со егзистенцијална закана, а тоа е, патем кажано, пораз, Русија би можела да ескалира, а постојат десетици места во светот каде што би имале директна конфронтација со Соединетите Држави.
Значи, Вашата сугестија е дека, од една страна, би можеле да имаме ескалација кон евентуална употреба на нуклеарно оружје, доколку постои егзистенцијална опасност за Русија, а од друга страна, ескалација кон конфликтот во други области надвор од Украина. Дали сум во право?
Не би го исклучил тоа. Живееме во сосема нова стратегиска ситуација. Нормалната логика го диктира ова што го кажавте.






