Заменик-командантот на ултранационалистичкиот баталјон Азов, чии неонацистички корени Русија ги користи за да ја оправда инвазијата на Украина, сака да разјасни нешто.
„Мора да сфатите што е Азов. Тоа се мажи што претежно фатија оружје в рака затоа што бевме нападнати од Русите“, вели еден набиен и брадест борец, кој се претставува само под военото име „Калина“, во објава на каналот на баталјонот Азов на Телеграм. „Ве молам, не мешајте ги концептите на патриотизам и нацизам“, додава тој.
Таа пешадиска единица е основана во 2014 година од доброволци со ултрадесничарска политичка наклонетост, кои се бореа против проруските бунтовници во источна Украина. Сега баталјонот игра истакната улога во клучните битки во Киев, Харков и Мариупол.
Андриј Билецки, командант и основач на силите на Азов, и поранешен пратеник од нивното одвоено политичко крило, Национален корпус, за Фајненшл тајмс (ФТ) по телефон од Киев вели дека тие го формираат „’рбетот на одбраната на Мариупол“ и додава дека во тој град има околу 1.500 борци на Азов. „Водиме во најсериозните битки“, изјави тој за британскиот весник.

Азов првично беше милиција со нешто повеќе од 300 члена, а сега има „неколку илјади члена“, рече Билецки, кој во 2008 година беше еден од основачите на Социјал-националното собрание, група на најекстремните националистички политички партии во Украина. Повеќето се борат во единиците на украинската територијална одбрана, вклучително и повеќе од илјада во Харков, изјави Билецки за ФТ.
„Историјата на Азов има свои корени во волонтерскиот баталјон формиран од раководството на една неонацистичка група. Но Азов секако се деполитизираше. Неговата историја, која е поврзана со ултрадесничарското движење, денес е прилично неважна“, вели Антон Шеховцов, украински експерт за врските на Русија со европската ултрадесница.
Меѓутоа, Тарас Кузио, британско-украински научен соработник на друштвото Хенри Џексон, вели дека Националниот корпус, иако е одвоен од Азов, е поврзан со расистички групи во САД и Европа.
„Во Украина имате популистички националисти и имате неонацисти, а Националниот корпус е најблизок до вториве“, рече тој за ФТ.
Билецки тврди дека борците од Азов се „патриоти, многумина од нив се националисти“.
„Меѓутоа, повеќето Украинци денес се националисти“, рече тој и го спомена Степан Бандера, ултранационалистот што соработувал со нацистите против Советите за време на Втората светска војна, како еден од „хероите“, на кои многумина негови сограѓани „денес им се восхитуваат“.
Билецки вели и дека меѓу борците на Азов има државјани на Израел, Азербејџан, Грузија, па дури и на Русија, кои обожаваат да се снимаат додека го напаѓаат непријателот и објавуваат видеа на социјалните мрежи – како креваат во воздух руски тенк или туркаат во камион врзани и до половина соблечени руски војници.
Инсистирањето на рускиот претседател Владимир Путин дека ја нападнал Украина за да ја денацифизира целата земја им овозможи на членовите на баталјонот и неговите поддржувачи да ја отфрлат неонацистичката етикета како „руска пропаганда“, пишува ФТ. Билецки, пак, ја обвинува Русија дека „ги уништува градовите на етничка основа бидејќи се украински“.
Овој месец, претседателот Володимир Зеленски, кој е Евреин, на еден командант на Азов му ја додели титулата „херој на Украина“. Тој во понеделникот рече дека желбата на Русија да ја „денацифизира“ и „демилитаризира“ Украина е „целосно неразбирлива“.

„Начинот на кој Путин и Кремљ ги користат термините ‘нацизам’ и ‘фашизам’ е вкоренет во советската ера, кога, како и сега, се однесуваше на секој што не сакаше да биде дел од Советскиот Сојуз или дел од рускиот свет“, рече Кузио.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги обвини борците на Азов во гранатираното породилиште во Мариупол дека „луѓето ги претвораат во жив штит… поставувајќи таму опрема за напад и отворајќи оган врз позициите на руските војници“. Украинските и американските власти ги негираа обвинувањата.
Тие за прв пат се бореа на страната на украинската армија, која беше ослабена за време на мандатот на прорускиот претседател Виктор Јанукович, и ѝ се приклучија на Националната гарда откако помогнаа повторно да се освои Мариупол во жестоките борби во 2014 година.
ФТ пишува дека во 2016 година Обединетите нации документирале дека припадниците на Азов ги уфрлале своите борци и оружје во цивилни згради во Донбас. Две години подоцна, Стејт департментот го означи Националниот корпус како „националистичка група на омраза“ и го поврза со групата што го „нападна“ ромскиот камп во Киев.
„Дали сакаме вакви фашисти да ни ја водат државата?“
Политичката наклонетост на некои членови на Азов никогаш не била популарна. Националниот корпус беше дел од блокот со други екстремно десничарски партии, кој освои само нешто повеќе од два отсто од гласовите на парламентарните избори во 2019 година.
Сепак, како што истакнува ФТ, либералните Украинци стравуваат дека баталјонот може да извлече политичка корист од херојството на бојното поле. „Дали сакаме вакви фашисти да ја водат нашата земја откако ќе заврши оваа војна?“, праша еден лингвист од Киев.
Националниот корпус „ги суспендираше политичките активности“ затоа што сите активни членови „се фатија за оружје или станаа доброволци“, рече Олександр Алфјоров, поранешен портпарол на групата.
Волонтерите на Азов чувствуваат дека добиваат поддршка од Украинците на кои одбраната на земјата им е поважна од политичката определба, наведува британскиот весник.
„Интересот за нашето движење се зголеми дури и пред отворената агресија на Русија“, рече Серхи Бевз, борец на Азов во Киев, зборувајќи за обуката што баталјонот им ја давал на цивилите во подготовките за конфликтот.






