Влијателниот поранешен премиер на Јапонија Шинзо Абе во телевизиски настап го повика политичкиот естаблишмент на својата земја да размисли за склучување договор за стационирање американско нуклеарно оружје на територијата на Јапонија, по примерот на западноевропските членки на НАТО пактот.
Повикот до јапонскиот естаблишмент да се разгледа стационирањето американски нуклеарки на јапонско тло, слично на некои земји членки на НАТО, дојде од поранешниот премиер Абе, кој сега е пратеник во парламентот на таа островска земја.
Тој при гостувањето во емисија на телевизијата Фуџи на 27 февруари искоментира дека судбината на Украина би била поинаква да не се откажеше од нуклеарното оружје по распадот на СССР.
Дека единствената земја во светот која некогаш била цел на атомски напад ќе сака на својата територија да ги прими нуклеарните проектили на државата која тие бомби ги фрли на неа на прв поглед се чини иронично и во минатото беше навистина незамисливо. Меѓутоа, во овој момент во Земјата на изгрејсонцето зборовите на Абе звучат само благо контроверзно и затоа релативно прифатливо.
Иако поранешниот премиер е само еден од 465 пратеници на Долниот дом на парламентот, Абе продолжува да биде многу важна фигура во јапонската политика. Тој е државникот кој мина најмногу време на кормилото на државата во историјата на Јапонија – речиси девет години. Неговиот непосреден наследник на функцијата премиер Јошихиде Суга беше негов штитеник, негова десна рака во времето кога управуваше со државата. И сегашниот премиер Фумио Кишида беше долгогодишен министер во владата на Абе.
Тој и сега е шеф на највлијателната фракција во владејачката Либерално-демократска партија, а има и свој канал на Јутјуб со речиси 3,3 милиони регистрирани следачи. Она што е особено битно – неговиот брат е сегашен министер за одбрана.
Кога толку можен политичар ќе повика на разгледување на можноста да се дозволи стационирање на американско нуклеарно оружје на јапонска територија, тоа можеби повеќе треба да се сфати како програмска определба на партијата, односно најава на насоката во која политиката на земјата наскоро би можела да тргне, па и како одвраќање на странските сили, отколку како изолиран глас на конзервативен политичар чија кариера е во опаѓање.
Кого би одвраќало американското нуклеарно оружје во Јапонија?
„Одвраќањето“ тука не се однесува толку на Русија колку на Кина. Ова е затоа што во Јапонија политичката елита, па и обичните луѓе, сега се загрижени дека влегувањето на руската војска во Украина ќе ја поттикне најбројната земја во светот сличното да го направи во Тајван, кој се наоѓа само 130 километри од најјужните острови на Земјата на изгрејсонцето.
Операцијата на заземање на Тајван веројатно би барала негово опкружување, односно сечење на неговите поморски и воздушни врски со јужна Јапонија, каде покрај домашните, на островот Окинава се стационирани и значителни американски сили, што би можело да доведе до нарушување на јапонските територијални води и воздушен простор.
Воен конфликт и евентуален пад на Тајван значително би ја отежнале воено-политичката позиција на Јапонија, која со Кина спори околу територии и ресурси во Источното Кинеско Море, и би ѝ предизвикале значителна економска штета, бидејќи би довеле до замрзнување на инвестиции и финансиски имот, и драстично би ја намалиле трговската размена на Токио не само со Тајван, туку на одредено време и со матицата Кина (особено ако Токио логистички и финансиски го поддржи Тајпеј, како што се очекува).
Тоа е причината зошто Абе неодамна ги повика и своите сојузници во Вашингтон да се откажат од „стратегиската двосмисленост“, свесно нејасниот став во врска со одбраната на Тајван од евентуален кинески напад. Станува збор за праксата на САД повремено да даваат сигнали дека ќе војуваат во корист на одметнатата кинеска провинција, а повремено испраќаат пораки дека Тајван може самиот да се грижи за себе.
Таа позиција е смислена од една страна да ја држи Кина на дистанца, сугерирајќи им на стратезите во Пекинг дека постои можност американски трупи да се ангажираат на страната на Тајван и од друга страна, ги турка владата и воениот врв во Тајпеј да не се опуштаат и преку развој на сопствената воена индустрија, големи набавки на оружје и редовно спроведување обука и вежби да се подготвуваат за можноста дека ќе мораат да се борат без американска воена помош.
Поранешниот јапонски премиер Абе, меѓутоа, во светло на руската инвазија на Украина, која покажа дека НАТО нема намера да ги ризикува животите на своите војници, изгледа стравува дека стратегиската двосмисленост ја изгубила моќта да одвраќа, бидејќи вистинските намери на Вашингтон се разоткриени – САД не се спремни да ризикуваат војна со воено силна држава, нуклеарна сила. Затоа тој бара Белата куќа недвосмислено да се изјасни дали ќе војува за Тајван, кој ги „дели нивните универзални вредности“ за „демократијата и слободите“, а не само да испраќа разузнавачки податоци, оружје и муниција, и да пружа пропагандна и финансиска помош.






