„Израелците ја потценија способноста на Иран да се реорганизира по нападот во кој успешно беше таргетиран врвот на воената структура на Иран и беа убиени неколку клучни команданти“, кажа Парси, потпретседател на американскиот Квинси институт за одговорна владина политика.
Парси смета дека Израел верувал дека „го парализирал иранскиот синџир на команда“. „Она што сега го гледаме е дека иранските ракети успеваат да ги пробијат сите слоеви на повеќеслојната воздушна одбрана на Израел“, нагласи тој.
Квинси институтот е независна американска аналитичка група која се залага за пореална и воздржана надворешна политика на Соединетите Американски Држави, фокусирајќи се на воена воздржаност, дипломатија и избегнување на бесконечни војни. Нивниот став е дека мирот треба да биде правило, а војната редок исклучок.
Парси ја коментираше ситуацијата додека нови бранови ирански ракети погодија повеќе локации низ Израел во раните утрински часови. Конфликтите се интензивираат, а бројот на мртви и ранети од двете страни продолжува да расте.
Во најновиот напад врз централниот дел на Израел, четири лица ги загубија животите. Вкупно 87 ранети беа префрлени во болници – меѓу нив е 30-годишна жена со сериозни повреди на лицето, пет лица со умерени повреди и 81 лице со полесни повреди.