Таа положи заклетва во Обединетите нации во Њујорк.
44-годишната Бербок ја презеде функцијата од својот претходник Филемон Јанг, поранешниот премиер на Камерун, на почетокот на 80-тата сесија на Генералното собрание во Њујорк.
„Се радувам на соработката со вашиот наследник, новоизбраната претседателка Бербок, додека продолжуваме да бараме глобални решенија за глобалните проблеми“, кажа генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.
Бербок беше избрана на функцијата во јуни со огромно мнозинство, и покрај противењето на Русија на нејзината кандидатура.
Политичарката од Зелената партија, која ја извршуваше функцијата шефица на германската дипломатија до мај, е само петтата жена на таа позиција.
Позицијата е во голема мера церемонијална по природа и не треба да се меша со функцијата генерален секретар на ОН.
Како претседателка Бербок ќе претседава со седниците на Генералното собрание и ќе помага во одредувањето на дневниот ред и процедуралните правила на состаноците.






