Аналитичкиот центар проценува дека Русија претрпела загуби од околу 1,2 милиони војници, од кои 325.000 се убиени, додека на украинска страна се убиени, ранети или исчезнати 600.000 војници.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, ниту една страна не објави сеопфатни податоци за загубите, а обете ги третираат како строго чувана државна тајна.
Кремљ денес го отфрли извештајот на ЦСИС како некредибилен, инсистирајќи дека само Министерството за одбрана има овластување да објавува податоци за руските жртви.
Проценките на ЦСИС се базираат на разговори со западни и украински претставници, како и на податоци од прозападниот руски медиум Медиазон и руската редакција на Би-би-си.
Аналитичкиот центар проценува дека руските загуби во Украина досега се „повеќе од 17 пати поголеми од советските загуби во Авганистан во текот на 1980-тите, 11 пати поголеми отколку за време на првата и втората чеченска војна на Русија и повеќе од пет пати поголеми од сите руски и советски војни заедно по Втората светска војна“.
Се проценува дека односот на руските и украинските загуби е околу 2,5 спрема еден, односно два спрема еден, според извештајот на ЦСИС.
Бројките прикажуваат мрачна слика и за Украина, чие население и капацитет да издржи долгорочни загуби и да мобилизира војници се помали од руските.






