Со ова, горниот дом на Сенатот, во кој мнозинството го држат републиканците, му даде до знаење на Трамп дека не се согласува со неговите растечки амбиции во западната хемисфера.
За самата резолуција треба да се гласа следната недела.
Нема никаква шанса таа да стане закон, бидејќи треба да ја изгласа и долниот дом, Претставничкиот дом, а потоа да ја потпише и самиот Трамп.
Сепак, тоа е значаен показател за немирот кај некои републиканци откако минатата недела американската армија ја нападна Венецуела, го киднапираше нејзиниот лидер Николас Мадуро и го однесе во Њујорк за да му се суди за „наркотероризам“ против САД.
За ставање во процедура на резолуцијата за ограничување на воените овластувања на претседателот гласаа сите сенатори на опозициските демократи, како и пет републикански сенатори.
Администрацијата на Трамп би сакала да ги контролира нафтените ресурси на Венецуела, па дури и самата нејзина влада, но со резолуцијата за воените овластувања би му се наметнала на Трамп обврска да побара одобрение од Конгресот за секој следен напад.
Републиканците кои гласаа за резолуцијата се Џош Холи од Мисури, Ранд Пол од Кентаки, Лиза Мурковски од Алјаска, Сузан Колинс од Мејн и Тод Јанг од Индијана.
По повод нивното приклучување кон демократите во гласањето за резолуцијата, Трамп објави на социјалните мрежи дека „тие никогаш повеќе не треба да бидат избрани на јавни функции“ и дека нивните гласови „во голема мера ја поткопуваат американската самоодбрана и национална безбедност“.
Демократите досега неуспешно се обидуваа да протуркаат таква резолуција додека Трамп ја ескалираше својата кампања против Венецуела, но сега кога го фати Мадуро и го насочи погледот кон дански Гренланд, гласањето му дава на Конгресот можност за „контрола над воените дејства од таква природа“, кажа демократскиот сенатор Тим Кејн.
„Време е ова да се извади од тајноста и да се објави“, додаде Кејн, кој инсистираше на денешното гласање.
Републиканските лидери тврдат дека не добиле никаква најава дека ноќниот напад врз Венецуела и апсењето на Мадуро воопшто ќе бидат извршени, но повеќето изразија задоволство од акцијата.
Кога демократите се обидоа да протуркаат слична резолуција во ноември, таа не успеа бидејќи ја поддржаа само двајца републикански сенатори, Ранд Пол и Лиза Мурковски.
Ренд Пол им кажа на новинарите по гласањето дека „интересно е да се види дека сега сè повеќе луѓе, барем од мојата (републиканска) страна, се заинтересирани кој има право на војна, кој имал право да почне или објави војна“.
Администрацијата на Трамп користеше сè поголем збир на различни правни оправдувања за својата повеќемесечна кампања во Централна и Јужна Америка, од уништување на наводни бродови за дрога во рамките на глобалните овластувања за борба против тероризмот до апсење на Мадуро во наводна полициска операција за да му се суди во Соединетите Држави.
Некои прогресивни демократи предложија во декемврискиот Закон за одбранбени средства да се вметне формулација која би ограничила одредени воени дејствија, но таа идеја наиде на отпор од попрагматичните членови на пратеничката група, кои се обидоа да ги прикажат амбициите на Трамп во странство како негово намерно одвлекување на вниманието од проблемите во САД.
„Американскиот народ се прашува што, по ѓаволите, се случува во Венецуела и зошто овој претседател, кој ја водеше кампањата „Америка на прво место“, сега го троши целото свое време и енергија на авантури во странство?“, кажа лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, од Њујорк.
Конгресот повторно беше оставен во незнаење за време на воената операција во Венецуела, а Трамп подоцна потврди дека разговарал со раководители на нафтени компании, но не и со пратениците. Тоа одразува поширок модел во вториот мандат на Трамп, кој се одвива под Конгрес контролиран од републиканците, кој покажа мал интерес за својата единствена уставна надлежност да објавува војна.
Според Уставот, американскиот Конгрес објавува војна додека претседателот е врховен командант. Но, пратениците формално не објавиле војна од Втората светска војна, давајќи им на претседателите широка слобода да дејствуваат независно.
Конгресот се обиде да го ограничи тој авторитет по Виетнамската војна со Резолуцијата за воени овластувања, која беше усвоена и покрај ветото на републиканскиот претседател Ричард Никсон. Тој закон бара од претседателот да го извести Конгресот во рок од 48 часа од распоредувањето на силите и да ги прекине воените дејствија во рок од 60 до 90 дена, а тоа го пречекориле претседатели од двете партии.
Демократите тврдат дека тие ограничувања сè повеќе се потиснуваат, а некои републиканци отидоа уште подалеку, тврдејќи дека овластувањето на Конгресот за војна е сосема непотребно.
Републиканскиот сенатор Линдзи Греам од Јужна Каролина, близок сојузник на Трамп, кажа дека би се согласил Трамп да „преземе други земји“ без одобрување од Конгресот, вклучувајќи го и данскиот Гренланд.
„Врховниот командант е врховен командант. Тој може да употреби воена сила“, кажа Греам.
Администрацијата на Трамп сега ги разгледува не само своите следни чекори во Венецуела, туку и за Гренланд. Белата куќа објави дека „војската е секогаш опција“ и во врска со потенцијалното американско преземање на најголемиот остров во светот.
Републиканците ја наведоа стратегиската вредност на Гренланд, но повеќето се спротивставија на идејата за користење на војската за преземање на островот. Некои се за потенцијален договор за купување на Гренланд од Данска, додека други признаа дека тоа е малку веројатна опција бидејќи и Данска и Гренланд ги отфрлија понудите на Трамп.
Демократите сакаат да се спротивстават на каква било воена акција и веќе се подготвуваат да одговорат. Сенаторот од Аризона Рубен Галего кажа дека очекува да предложи резолуција „за да се спречи инвазија на Трамп врз Гренланд“.
„Мораме да го запреме пред да нападне друга земја од каприц“, напиша Галего. „Нема повеќе вечни војни“, истакна тој.
Кејн кажа и дека наскоро ќе биде поднесена резолуција за Гренланд, како и за Куба, Мексико, Колумбија и Нигерија.
Гренланд ѝ припаѓа на Данска, сојузник во НАТО, што предизвика многу поинаков одговор од републиканските сенатори од ситуацијата во Венецуела.
Во четвртокот сенаторот Роџер Викер, претседател на Комитетот за вооружени сили на Сенатот, се сретна со амбасадорот на Данска во САД, Јеспер Мелер Соренсен. На состанокот присуствуваа и водечкиот демократ во Комитетот за надворешни односи на Сенатот, сенаторот од Њу Хемпшир Џин Шахин, и шефот на претставништвото на Гренланд во САД и Канада, Џејкоб Исбосен.
„Нема подготвеност од нивна страна да преговараат за купување или промена на сопственоста на нивното земјиште“, кажа Викер, републиканец од Мисисипи. „Тоа е нивен принцип и нивно право“, додаде тој.
Тој кажа дека се надева оти ќе се постигне договор кој ќе ги зајакне односите на САД со Данска.
Но, шефот на претставништвото на Гренланд во САД и Канада, Џејкоб Исбосен, цврсто им рече на новинарите: „Гренланд не е на продажба“.






