петок, 6 февруари 2026

Американскиот потпретседател: За Гренланд добивме многу повеќе од тоа што го имавме на почетокот

Европските сојузници на Соединетите Американски Држави направија повеќе отстапки кон Вашингтон околу Гренланд отколку што јавно признаваат, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Дефинитивно добивме многу повеќе отколку што имавме на почетокот“, кажа Венс во подкастот Мегин Кели шоу. Тој оцени дека идниот договор, кој го објави американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец, ќе биде во корист на Соединетите Американски Држави, пренесува Би-би-си.

Најавата на Трамп дојде по период на растечка загриженост дека САД би можеле да употребат сила против сојузникот на НАТО, Данска, за да ја преземат контролата врз нејзиниот полуавтономен арктички остров. Трамп тврди дека Гренланд е неопходен за одбрана од можни напади од Русија и Кина.

Данска и Гренланд порачаа дека нема да се согласат да се откажат од својот суверенитет, а европските сојузници застанаа во нивна одбрана. Гренланд е ретко населен, но неговата локација помеѓу Северна Америка и Арктикот го прави исклучително важен за системите за рано предупредување во случај на ракетни напади.

Повеќе од 100 американски војници се постојано стационирани во американската база на северозападен Гренланд, објект управуван од САД од Втората светска војна. Според постојните договори со Данска, САД имаат право да распоредат онолку војници колку што сметаат дека е потребно на Гренланд.

Венс не даде детали за тоа што точно содржи планот на Трамп, а што претходно не им било достапно на САД, но повторно нагласи дека Русија и Кина имаат амбиции кон тој арктички остров.

„Едно од непишаните правила кое сите го знаат е дека ако Кинезите или Русите се заканат за еден од нашите клучни системи за противракетна одбрана, ние нужно ќе го браниме. Но, не добиваме ништо за тоа“, забележа американскиот потпретседател.

„Ајде малку да ги промениме правилата и да кажеме дека ако САД ќе го штитат целиот светски систем за противракетна одбрана, првенствено својот, но од кој и другите имаат корист, тогаш треба да имаме некаква корист од тој договор“, нагласи тој.

Не е јасно дали Венс мисли на природните ресурси на Гренланд, вклучувајќи ги и ретките метали кои стануваат сè подостапни поради топењето на мразот поради климатските промени. Научниците веруваат дека островот може да има значителни резерви на нафта и гас. Трамп претходно изјави дека „рамковниот договор“ би вклучувал пристап до минералните ресурси на Гренланд.

Венс ги обвини европските сојузници за дволичност. „Интересно е како Европејците се приватно многу пријателски расположени и подготвени да направат бројни отстапки, а потоа јавно да нè нападнат. Жал ми е, но сето тоа е лажно. Идејата дека тие не направиле никакви прилагодувања или отстапки кон Соединетите Држави едноставно не е вистина“, кажа тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ