„Ерата на неоспорена американска доминација е завршена. Мора да бидеме внимателни кога одлучуваме да зададеме удар, но кога напаѓаме, напаѓаме силно и решително“, им рече тој на офицерите што дипломираа, додавајќи дека наредбата на Трамп за употреба на сила против хутите во Јемен довела до прекин на огнот, како дел од договорот во кој бунтовниците ветија дека ќе ги запрат нападите врз американските бродови во Персискиот Залив.
Ветеранот од маринскиот корпус Џеј Ди Венс, исто така, рече дека некои претходни претседатели ги вовлекле Соединетите Американски Држави во конфликти кои не биле клучни за националната безбедност на земјата. Иако не именуваше ниту еден претседател, неговите коментари алудираа на Џорџ В. Буш, републиканецот кој ги започна американските војни во Ирак и Авганистан, како и на неговиот наследник, демократот Барак Обама, кој го продолжи конфликтот во Авганистан. И Трамп продолжува остро да го критикува хаотичното повлекување на САД во 2021 година, за време на претседателскиот мандат на Џозеф Бајден.
„Долго време спроведуваме експеримент со надворешна политика во кој ги заменивме националната одбрана и градењето сојузи со градење нации и мешање во внатрешните работи на странски земји – дури и кога тие земји имаа малку врска со основните американски интереси. Крај на недефинираните мисии, крај на бескрајните војни“, кажа Венс.
Тој додаде дека САД уживале во период на доминација по падот на Советскиот Сојуз, но дека американската политика, која се стремела кон економска интеграција на американските конкуренти, имала спротивен ефект.