Хегсет кажа дека мексиканските служби за пребарување и спасување „ја презеле одговорноста за координирање на спасувањето“ на единствениот преживеан, но не кажа дали лицето е успешно спасено, ниту дали ќе остане во мексикански притвор или ќе биде екстрадирано во САД.
Тој кажа дека четирите бродови „им биле познати“ на американските разузнавачки служби и „се движеле по познати рути за трговија со дрога и транспорт на наркотици“.
Службеник на Пентагон, кој сакал да остане анонимен, изјавил за Асошиејтед прес дека нападите биле извршени покрај брегот на Колумбија.
Во напад извршен претходно овој месец, американската војска спаси двајца преживеани и ги испрати во Колумбија и Еквадор. Властите го ослободија Еквадорецот откако обвинителите соопштија дека немаат докази дека тој извршил кривично дело во Еквадор.
Во својот пост за најновите напади Хегсет повторно ги спореди воените акции против трговијата со дрога со војната против теророт по нападите од 11 септември 2001 година.
Тој напиша дека картелите „убиле повеќе Американци отколку Ал каеда и дека со нив ќе се постапува на ист начин“.
Американскиот претседател Доналд Трамп ги оправда нападите врз бродовите тврдејќи дека Соединетите Американски Држави се вклучени во „вооружен конфликт“ со нарко картелите, прогласувајќи ги за нелегални борци, користејќи ја истата правна рамка која ја користеше администрацијата на претседателот Џорџ В. Буш за војната против тероризмот.






