недела, 7 декември 2025

Американскиот министер за одбрана: Руси, прекинете го крвопролевањето или ќе одговориме како што само ние умееме

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, им се обрати на своите колеги за време на денешниот состанок на министрите на земјите членки на НАТО.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Европските лидери испраќаат јасна порака до Русија дека сега е времето да се стави крај на војната во Украина. Ако оваа војна не заврши, ако нема пат кон мир на краток рок, тогаш Соединетите Американски Држави, заедно со нашите сојузници, ќе преземат неопходни чекори за последици по Русија за нејзината континуирана агресија“, порача Хегсет на состанокот во Брисел.

„Ако мора да го преземеме овој чекор, министерството за војна на САД е подготвено да го направи својот дел на начин на кој само САД умеат“, објави тој.

Тој истакна дека САД како најефикасно средство за одвраќање од руска агресија го гледаат смртоносно и способно НАТО под водство на Европа и украинска армија која е способна да се одбрани.

„Под цврстото водство на претседателот (на САД Доналд) Трамп, а особено со нашите европски сојузници, ќе ја завршиме војната во Украина. Војната мора да заврши“, смета тој.

Хегсет ги повика сојузниците да ги зголемат инвестициите во програмата „Приоритетна листа на барања за Украина“, која ги замени американските донации за оружје за Украина и бара од европските сојузници да платат за испораките на американско оружје.

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте потврди дека преку тој механизам веќе се ветени две милијарди долари, но ова е помалку од 3,5 милијарди долари кои украинскиот претседател Володимир Зеленски се надеваше дека ќе ги обезбеди до октомври.

Шведска, Естонија и Финска денес ветија дека ќе придонесат, но некои земјите, вклучувајќи ги Шпанија, Италија, Франција и Британија, се соочија со критики поради воздржаноста. Украина останува во голема мера зависна од американското оружје додека се подготвува за уште една зима во конфликтот со Русија.

Килскиот институт за светска економија денес објави дека воената помош за Украина се намалила за 43 отсто во јули и август во споредба со првата половина од годината.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ