По состанокот со претставниците на панамската влада, Хегсет најави јакнење на безбедносната соработка со панамските сили и порача дека Кина нема да може „да го претвори каналот во оружје“ користејќи ги економските врски на кинеските компании за шпионирање.
„Кина не го изгради овој канал. Кина не управува со овој канал и нема да го милитаризира. Во соработка со Панама, која е на чело на оваа иницијатива, ќе обезбедиме каналот да остане сигурен и достапен за сите народи“, кажа Хегсет на пристаништето во Панама Сири.
Низ Панамскиот канал годишно минуваат над 40 отсто од американскиот контејнерски сообраќај, што вклучува роба вредна околу 270 милијарди долари и сочинува повеќе од две третини од бродовите кои секојдневно минуваат низ вториот најпрометен меѓуокеански пловен пат во светот.
Хегсет е првиот американски министер за одбрана кој ја посетил Панама во последните неколку децении, а неговата посета доаѓа откако протекоа информации дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп истражувала воени опции за да обезбеди пристап до каналот кој САД го изградија пред повеќе од сто години, а Панама официјално го доби во 1999 година. Трамп повеќе пати го критикуваше тој договор, тврдејќи дека е лош за САД.