Во својата одлука, тројцата судии на ИТЦ не ја оспоруваат способноста на државата да воведува дополнителни даноци на увозот, но тие велат дека за тоа е овластен Конгресот и дека Трамп ги пречекорил претседателовите овластувања.
Тие сметаат дека американскиот претседател не може да се повика на вонредниот економски акт од 1977 година, кој се користи за оправдување на употребата на претседателски декрети за наметнување на овие царини, за „да наметне неограничени дополнителни даноци за производите што доаѓаат од речиси секоја земја“, се вели во пресудата, која ја видела агенцијата Франс прес.
Според судиите, наредбите издадени откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа „ги надминуваат овластувањата што ги има претседателот“ според законот наречен ИЕЕПА, кој му дозволува да дејствува во случај на економска вонредна состојба за да го регулира увозот користејќи царини.
Ова се однесува на царините наметнати на Канада, Мексико и Кина, кои се обвинети дека недоволно ефикасно се борат против трговијата со фентанил, како и за дополнителната царина од најмалку 10 отсто воведена на 2 април оваа година за сите производи што влегуваат во САД, и до 50 отсто, во зависност од земјата на потекло.
Овој закон му дозволува на претседателот да ги преземе неопходните економски санкции во итни случаи за борба против „вонредните и „невообичаени“ закани, потсети судот. Но секое толкување што му дава „неограничено овластување за царините е неуставно“, сметаат судиите.
Во писменото мислење што го придружуваше решението, еден од судиите оцени дека тоа всушност претставува откажување од законодавните овластувања што ги има друга гранка на власта и дека тоа е спротивно на Уставот на САД.
Портпаролот на Белата куќа ја осуди одлуката во изјавата на, како што рече, „неизбраните судии“, кои „немаат овластување да одлучуваат како соодветно да се управува со националната вонредна состојба“.
„Претседателот Трамп вети дека ќе ги стави интересите на Соединетите Држави на прво место, а администрацијата е решена да ги искористи сите лостови на извршната власт за да одговори на оваа криза и да ја врати американската величина“, рече портпаролот Куш Десаиј.
Администрацијата на Трамп вчера ја обжали одлуката на американскиот федерален суд за блокирање на таканаречените „реципрочни“ царини, според судскиот документ што го видела агенцијата Франс прес.
Лидерот на демократското малцинство во Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, Грегори Микс, рече во соопштението дека одлуката на судот потврдува дека царините претставуваат незаконска злоупотреба на извршната власт.
Федералниот суд донесе одлука за две жалби поднесени во последните недели, едната поднесена од коалиција од дванаесет американски држави, вклучувајќи ги Аризона, Орегон, Њујорк и Минесота, а другата од група американски компании.
Во жалбата тие го критикуваа Трамп дека применува закон што не му дозволува да користи итни мерки за воведување царини, што е овластување што според Уставот на САД му припаѓа на Конгресот, а овој аргумент го презел и судот.
Откако се врати во Белата куќа, Трамп ги користи царините како главно политичко оружје, но и како поттик за реиндустријализација на земјата и како средство за притисок врз другите земји.
Тој на 2 април воведе „реципрочни“ царини, кои беа насочени кон сите земји во светот, а потоа се повлече по крахот на финансиските пазари и постави 90-дневна пауза во воведувањето на овие царини, освен царината од 10 отсто што се применува речиси на сѐ, со цел да се отвори вратата за трговски преговори.