Разузнавачките податоци сугерираат дека Техеран може да продолжи да го блокира теснецот за да ги одржи високите цени на енергијата и да изврши притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп да најде брз излез од речиси петнеделната војна која останува непопуларна кај американските гласачи.
Извештаите сугерираат и дека војната, чија цел беше уништување на воената моќ на Иран, всушност би можела да го зголеми неговото регионално влијание со демонстрирање на способноста на Техеран да се закани на клучниот премин.
Трамп се обидува да ги намали тешкотиите во повторното отворање на Ормускиот теснец, низ кој поминува една петтина од светската нафта. Во петокот тој навести дека можеби ќе им нареди на американските сили повторно да го отворат.
„Со малку повеќе време, лесно можеме да го отвориме Ормускиот теснец, да ја земеме нафтата и да направиме богатство“, порача тој на својата социјална мрежа Трут соушал.
Но, аналитичарите долго време предупредуваат дека обидот за употреба на сила против Иран, кој го контролира едниот брег од теснецот, може да се покаже како скап и да ги вовлече САД во продолжена копнена војна.
„Во обид да го спречат Иран да развие оружје за масовно уништување, САД му дадоа на Иран оружје за масовно нарушување“, вели Али Ваез од Меѓународната кризна група (МКГ), организација за спречување на конфликти.
Техеран, додава Ваез, разбира дека способноста да го наруши светскиот енергетски пазар со својата контрола врз теснецот е „значително помоќна дури и од нуклеарното оружје“.
Ставот на Трамп за потенцијалното американско учество во повторното отворање на преминот се менува. Од една страна, тој го направи прекинот на иранската контрола врз теснецот предуслов за прекин на огнот, но потоа ги повика земјите од Персискиот Залив и сојузниците на НАТО да помогнат во неговото повторно отворање.
Службеник на Белата куќа, кој сакал да остане анонимен, кажа дека Трамп „е уверен дека теснецот ќе се отвори многу наскоро“ и јасно даде до знаење дека на Иран нема да му биде дозволено да управува со преминот по војната.
Но, службеникот забележа дека Трамп, исто така, кажа дека другите земји „имаат многу повеќе да изгубат“ од САД ако Иран продолжи да го блокира теснецот.
Централната разузнавачка агенција на САД (ЦИА) не одговори веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Иранската револуционерната гарда (ИРГЦ) користеше различни тактики за да го направи преминувањето на комерцијални бродови низ теснецот премногу опасно откако Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја почнаа својата војна на 28 февруари. Од напад врз цивилни бродови до поставување мини и наплата на такса премин, Иран во суштина го блокираше сообраќајот во теснецот, ги крена цените на нафтата на повеќегодишен максимум и предизвика недостиг на гориво во земјите зависни од нафтата и гасот од Заливот.
Растот на цените на горивата, исто така, би можело да ја поттикне инфлацијата во САД и да претставува политички предизвик за Трамп, кој се соочува со ниска поддршка на анкетите додека неговата Републиканска партија се подготвува за среднорочните избори во ноември.
Според неодамнешните разузнавачки извештаи, Иран веројатно нема да се откаже од таа моќ во скоро време, кажале трите извори, кои побарале да останат анонимни. Тие одбиле да разјаснат кои служби ги направиле тие проценки.
„Сега е сигурно дека Иран ја проба својата моќ и влијание поради теснецот и нема да се откаже од него наскоро“, смета еден од изворите.
Многу експерти велат дека воената операција за повторно отворање на преминот вклучува значителни ризици.
Дури и ако американските сили го освојат јужниот брег и островите на Иран, ИРГЦ би можела да ги нападне и да ја одржи контролата врз теснецот со беспилотни летала и балистички ракети што може да ги лансира од внатрешноста на земјата, велат експертите.
„Сè што е потребно за да се наруши сообраќајот и да се одвратат бродовите од минување низ теснецот се едно или две беспилотни летала“, вели Ваез.
Некои експерти велат дека е малку веројатно Иран да се откаже од регулирањето на сообраќајот во теснецот дури и по војната, бидејќи ќе треба да се обнови, а наплатата на такси за комерцијален превоз би можела да биде еден начин да се соберат средства за реконструкција.
Техеран „ќе разгледа како да ја одржи влијанието што го откри повторно со нарушување на сообраќајот“ во теснецот, кажа поранешниот директор на ЦИА Бил Бернс во подкаст на магазинот Форин аферс во четвртокот.
Иран, според него, ќе се обиде да ја искористи својата можност да го блокира преминот за да добие „долгорочни безбедносни гаранции“ како дел од кој било мировен договор со САД и да добие „одредени директни материјални придобивки“, како што е наплата на такси за премин за финансирање на повоената обнова.






