недела, 14 декември 2025

Американски разурнувачи пристигнуваат во водите кај Венецуела која мобилизира четири и пол милиони доброволци

Соединетите Американски Држави испратија три разорувачи со наведувани ракети од типот „егис“ во водите на Карипско Море и Атлантски Океан во близина на Венецуела, како дел од напорите на претседателот Доналд Трамп „за борба против заканата од картелите за шверц на дрога од Јужна Америка“, изјави денес владин претставник во Вашингтон кој е запознаен со плановите.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Еден службеник на министерството за одбрана на САД, кој исто така не сакал да биде именуван, потврди дека во наредните месеци, неодредени „воени средства“ ќе бидат испратени во Јужна Америка за „поддршка на борбата против трговијата со дрога“.

Министерството за комуникации на Венецуела не одговорило веднаш на барањето на Асошиејтед прес за коментар.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро денес објави дека САД ги зголемиле заканите против неговата земја и најави дека ќе распореди повеќе од 4,5 милиони членови на доброволната милиција основана од неговиот покоен претходник Хуго Чавез со цел да ѝ помогнат на армијата во случај на опасност.

„Империјата полуде и има обновени закани за мирот и спокојството на Венецуела“, кажа Мадуро на митинг во Каракас, без да спомене конкретни дејствија.

Отфрлајќи го „скапаното препирање со екстравагантни, луди и глупави закани“, Мадуро кажа дека „оружје и ракети треба да им се дадат на селанските сили, за да ја бранат територијата, суверенитетот и мирот на Венецуела, како и на работничката класа за да ја бранат татковината“.

Администрацијата на Трамп овој месец објави дека ја удвојува наградата на 50 милиони долари за апсење на Мадуро, обвинувајќи го дека е еден од најголемите трговци со дрога во светот и дека соработува со картели за да ги преплават САД со кокаин и со фентанил.

Мадуро беше обвинет во федералниот суд во Њујорк во 2020 година, за време на првото претседателство на Трамп, заедно со неколку блиски сојузници по федерални обвиненија за наркотероризам и заговор за увоз на кокаин. Потоа САД понудија награда од 15 милиони долари за негово апсење.

Во февруари, Трамп ги означи венецуелскиот нарко картел Трен де Арагва, МС-13 во Ел Салвадор и шест групи со седиште во Мексико како „странски терористички организации“.

Таа ознака обично е резервирана за групи како Ал каеда или Исламска држава кои користат насилство за политички цели – не за криминални кругови водени од пари како латиноамериканските картели. Но, администрацијата на Трамп тврди дека ознаката е оправдана со меѓународните врски и операции на групите – вклучувајќи трговија со дрога, шверц на мигранти и насилни борби за територија што ја контролираат.

Трамп инсистира на користење на американската војска во борбата против нарко картелите, кои ги обвинува за шверц на фентанил и други дроги во САД и за постојано предизвикување насилство во американските градови.

Трамп, исто така, изврши притисок врз претседателката на Мексико Клаудија Шајнбаум да соработува повеќе од нејзиниот претходник во прашањата за безбедноста, особено да биде поагресивна во гонењето на мексиканските картели. Но, таа повлече јасна линија и го нагласи суверенитетот на Мексико, отфрлајќи ги сугестиите на Трамп и другите дека американската војска ќе интервенира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ