вторник, 10 февруари 2026

Американски конгресмени се закануваат дека јавно ќе ги прочитаат имињата од Епстиновите досиеја

Двајца американски конгресмени, републиканецот Томас Меси и демократот Ро Кана, се заканија дека јавно ќе ги прочитаат од говорницата на Претставничкиот дом имињата на шест мажи чии идентитети се мистериозно затемнети во досиејата на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин, објави Аксиос.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Има шест мажи, за некои од нив дури има и фотографии, но нивните имиња се цензурирани и нема објаснување зошто овие луѓе се редактирани“, им кажа Кана вчера на новинарите во Вашингтон.

Меси додаде дека меѓу нив е лице „доста високо позиционирано во владата на странска земја“, како и „ позната јавна личност“.

Токму ова дуо ја предводеше иницијативата која го принуди претседателот Мајк Џонсон да стави на гласање закон со кој ќе се бара целосно објавување на досиејата на Епстин. Иако Конгресот требаше да има пристап до нередактираните документи во зградата на Министерството за правда оваа недела, пратениците затекнале – нови црни ленти.

„Ова е очигледно кршење на законот за транспарентност“, велат демократите и некои републиканци, обвинувајќи го Министерството за правда дека продолжува да крие милиони страници и да заштитува влијателни поединци.

Пратениците сега размислуваат да ја користат клаузулата за слобода на говорот на Конгресот како правен штит и едноставно да ги читаат имињата од говорницата – што би оневозможило кривичен прогон за протекување на информациите.

Истиот ден најблиската соработничка на Епстин, Гислејн Максвел, одби да одговори на прашања за време на затвореното сослушување пред Комитетот за надзор на Претставничкиот дом, повикувајќи се на Петтиот амандман.

„Неприфатливо е таа да се крие зад уставни трикови и да се обидува да прави компромиси. Таа мора да ја каже вистината“, кажа претседателот Џонсон.

Пратениците кои имале пристап до досиејата велат дека постапката е дополнително комплицирана: прегледот е можен само со известување од 24 часа, без електронски уреди, а дозволени се само рачно напишани белешки.

Случајот Епстин, кој со години го тресе американскиот политички и финансиски естаблишмент, повторно го отвори прашањето дали Вашингтон навистина сака да ја разоткрие мрежата од моќни луѓе или дали на јавноста ѝ се сервира друга верзија на контролираната вистина.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ