петок, 6 март 2026

Американски истражители веруваат дека нападот на училиштето во Иран го извршиле силите на САД

Воени истражители веруваат дека американските сили најверојатно се одговорни за нападот врз училиштето за девојчиња во Иран во кој беа убиени десетици деца во саботата, но конечен заклучок сè уште не е донесен. Информацијата ја открија двајца американски воени претставници запознаени со истрагата, додека Пентагон потврди само дека истрагата е во тек, пишува Гардијан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Женско училиште во Минаб, во јужен Иран, беше погодено на 28 февруари, за време на првиот ден од нападите на Соединетите Американски Држави и Израел врз земјата. Иранските власти тврдат дека повеќе од 160 лица загинале во нападот. Амбасадорот на Иран во Обединетите нации во Женева, Али Бахреини, кажа дека се убиени 150 ученички. Ројтерс не можел независно да го потврди бројот на жртви.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет потврди во средата дека американската војска го истражува инцидентот. „Го истражуваме. Ние, се разбира, никогаш не таргетираме цивилни цели. Но, проверуваме и истражуваме“, кажа Хегсет на прес-конференција.

Пентагон упати дополнителни прашања до Центком, чиј портпарол, капетанот Тимоти Хокинс, кажа: „Би било несоодветно да се коментира со оглед на тоа што истрагата е во тек“.

Двајца американски функционери, кои зборувале под услов да останат анонимни, не ја исклучиле можноста да се појават нови докази кои укажуваат на друга одговорна страна. Ројтерс не можел да добие дополнителни детали за истрагата, вклучувајќи ги доказите кои доведоа до прелиминарната проценка, видот на употребената муниција и кој е одговорен за нападот и зошто.

Белата куќа не коментираше директно за истрагата. Нејзината портпаролка Каролин Левит, во соопштение изјави: „Иако Министерството за одбрана моментално го истражува овој случај, фер е да се каже дека иранскиот режим ги таргетира цивилите и децата, а не САД“. Државниот секретар Марко Рубио им кажа на новинарите во понеделникот дека САД нема намерно да таргетираат училиште. „Министерството за одбрана би го истражило тоа доколку тоа беше наш напад и јас би ве упатил до нив со тоа прашање“, кажа Рубио.

Канцеларијата за човекови права на ОН повика на истрага за нападот, без да прецизира кого смета за одговорен. „Одговорноста за истрагата е на силите што го извршија нападот“, изјави Равина Шамдасани, портпаролка на Канцеларијата, на брифинг во Женева.

Според висок израелски функционер и извор со директно познавање на заедничкото планирање, израелските и американските сили досега ги поделиле своите напади во Иран географски и според видот на целите. Додека Израел ги таргетира местата за лансирање ракети во западен Иран, САД нападнале слични цели, како и поморски цели, на југот на земјата.

Во вторникот иранската државна телевизија прикажа снимки од масовниот погреб на девојчињата. Нивните мали ковчези, покриени со ирански знамиња, беа пренесени со камион низ голема толпа до местото на погребувањето.

Намерно таргетирање на училиште, болница или кој било друг цивилен објект веројатно би претставувало воено злосторство според меѓународното хуманитарно право. Доколку се потврди одговорноста на САД, овој напад би се рангирал меѓу најлошите случаи на цивилни жртви во деценискиот конфликт на Блискиот Исток.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ