Шеврон ќе ја предводи потрагата по гас во длабокото море во четири блока јужно од Пелопонез и Крит, на површина од 47 илјади квадратни километри.
Со тоа површината на грчките територијални води достапна за истражување гасни наоѓалишта ќе се удвои.
Договорот е потпишан откако Шеврон и Хеленик енерџи, најголемата рафинерија во Грција, го добија минатогодишниот меѓународен јавен тендер, наведува Ројтерс.
Грција се развива од нето увозник во значаен извозник на енергија, истакна во понеделник на церемонијата на потпишување министерот за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру, според извештајот на грчката новинска агенција АНА.
Конзорциумот предводен од Шеврон ќе почне сеизмички истражувања откако договорите ќе бидат одобрени од грчкиот парламент. Атина му даде на конзорциумот пет години да пронајде комерцијално употребливи наоѓалишта, а пробното дупчење треба да започне најрано во 2030 година.
Од друга страна, Ексон мобил веќе доби лиценца со Хеленик енерџи за пребарување јаглеводороди во два други блока во длабокото море јужно од Крит и во моментов анализира сеизмички податоци.
Со најновите договори Грција во основа станува енергетски јазол за Европа, истакна владиниот портпарол Павлос Маринакис.
Премиерот Киријакос Мицотакис истакна дека Грција веќе инвестирала „значителни суми“ во гасоводи, компресорски станици, терминали за течен гас и електрани на гас.
„Грција има инфраструктура која на соседите може да им помогне да набават гас преку нови рути. Цврсто веруваме дека Вертикалниот коридор може да биде алтернатива на рускиот гас“, додаде Мицотакис.
Рускиот гас во Европа денес го увезуваат само земјите од Југоисточна Европа, и тоа преку гасоводот Турски тек, преку кој рускиот гас стигнува до Турција преку Црно Море, а потоа се транспортира до Унгарија преку Бугарија и Србија.
Во такви околности Грција се обидува да се профилира како важен енергетски центар за снабдување на Југоисточна и Централна Европа, а Вертикалниот коридор треба да транспортира увезен американски течен гас до Бугарија, Романија, Молдавија, Украина, Унгарија и Словачка.
„Грција е природна влезна точка за американскиот течен природен гас (ЛНГ) чија цел е да го замени рускиот гас во Југоисточна Европа“, изјави премиерот Мицотакис минатиот ноември на меѓународната енергетска конференција Партнерство за трансатлантска енергетска соработка (П-ТЕК) во Атина.
На почетокот на февруари грчката компанија Атлантик си ЛНГ трејд објави дека преговара за увоз на 15 милијарди кубни метри американски течен природен гас годишно во период од 20 години за потребите на клиентите во јужна Европа.
Во интервју за Ројтерс раководителот на Атлантик си ЛНГ трејд ги спомна Албанија, Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија, Молдавија, Австрија и, потенцијално, Украина како можни купувачи.
„Забележуваме сериозна побарувачка од страна на потрошувачите во северниот дел од коридорот. Во Романија, Унгарија и Молдавија домаќинствата трошат големи количества гас, додека на југот го троши повеќе индустријата“, кажа Егзарху.
На 24 февруари грчките претставници треба да учествуваат на состанок во Белата куќа, каде што треба да разговараат за новата насока на испорака на гас во Југоисточна Европа.
Заедно со министерот за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру, на состанокот треба да учествуваат и лидерите на петте земји долж коридорот, претставници на Европската Унија и лидери на грчки енергетски компании, објави грчкиот економски весник Оикономикос тахудромос, наведувајќи дека зделките би можеле да бидат договорени за период од 25 години.
Организатор на состанокот е американскиот министер за енергетика Крис Рајт, изјави Папаставру во вторникот одговарајќи на новинарско прашање, а темата ќе бидат следните чекори во развојот на коридорот, пренесува АНА.






