Запленувањето, кое би можело да ги разгори тензиите со Русија, се случи откако танкерот, првично познат како Бела-1, помина низ американската поморска „блокада“ на санкционирани танкери и ги одби напорите на американската крајбрежна стража да се качи на него.
Службеници, кои зборувале под услов на анонимност, кажале дека операцијата ја спроведуваат крајбрежната стража и американската војска.
Тие додале дека руски воени бродови биле во пошироката близина кога била спроведена операцијата, вклучувајќи и руска подморница.
Танкерот, сега познат како Маринера и регистриран под руско знаме, е најновиот танкер кој е цел на американската крајбрежна стража од почетокот на кампањата за притисок на американскиот претседател Доналд Трамп врз Венецуела.
Во одвоена акција американската Крајбрежна стража пресретна уште еден танкер поврзан со Венецуела во јужноамериканските води, изјавија американски официјални лица за Ројтерс, додека САД продолжуваат да спроведуваат поморска „блокада“ на санкционирани бродови од Венецуела.
Руската државна телевизија РТ денес објави дека се чини дека американските сили се обидуваат да се качат на танкерот за нафта Маринера од хеликоптер. Тие исто така објавија фотографија од хеликоптер кој лебди во близина на бродот, пренесува Ројтерс.
Таа агенција забележува дека во моментов не можат да го потврдат извештајот на РТ.
РТ, повикувајќи се на неименуван извор, објави дека брод на американската крајбрежна стража го следел танкерот и дека веќе бил извршен обид за негово запленување за време на невреме.
Според државните медиуми, руското Министерство за надворешни работи објави дека бродот, кој сега плови под руско знаме, се наоѓа во меѓународни води и дека дејствува во согласност со меѓународното поморско право. Тие ги повикаа западните земји да го почитуваат правото на бродовите на слобода на пловидба.
Претходно Волстрит џурнал, повикувајќи се на изјава на американски функционер, објави дека Русија распоредила подморница и други поморски ресурси за да го следат танкерот.
Според весникот, танкерот се обидувал да ја избегне американската блокада на санкционираните бродови во близина на Венецуела, но не успеал да се закотви и да натовари нафта.
Иако бродот бил празен, крајбрежната стража на САД го следела во Атлантикот како дел од напорите на Соединетите Американски Држави за сузбивање на транспортот на нелегална нафта, потсетува весникот. Во декември, екипажот на танкерот го одбил обидот на САД да се качат на бродот, по што го смениле името на бродот во Маринера и го регистрирале бродот во Русија.
Според весникот и зборовите на тројца американски функционери, Москва изразила загриженост за американското потера по танкерот и побарала таа да биде запрена.






