среда, 10 декември 2025

Американската морнарица гради флота на дронови за конфликт со Кина, ама не ѝ успева

Американската морнарица инвестира милијарди во развој на поморски дронови кои треба да бидат клучни за одвраќање на Кина на Пацификот, но серијата несреќи на тестирањата откриваат сериозни проблеми, јавува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

За време на тестирањето во близина на Калифорнија минатиот месец, еден дрон одеднаш застанал поради софтверски проблем. Потоа друг налетал на него, поминал преку палубата и се урнал назад во морето, открива Ројтерс. Во несреќата учествувале прототипови на Сароник и Блекси технолоџис.

Неколку недели претходно, за време на друг тест, автономниот дрон „блекси“ одеднаш забрзал додека бил влечен од придружен брод, превртувајќи го тој брод. Капетанот завршил во морето па бил спасен без повреди.

Според извори запознаени со истрагата, инцидентите се резултат на комбинација од софтверски дефекти и човечка грешка, или лоша комуникација помеѓу системите на бродот и надворешниот софтвер.

Американските генерали отворено зборуваат дека успесите на Украина со поморските дронови против руската Црноморска флота ја потврдиле нивната важност. Овие дронови изгледаат како глисери без седишта, често се вооружени со експлозиви и чинат околу 250.000 долари, што ги прави погодни за самоубиствени мисии.

Соединетите Американски Држави сакаат да одат чекор понатаму – да развијат флота од целосно автономни поморски дронови кои можат да се движат во јаиа без човечки надзор. Цената по брод може да достигне неколку милиони долари. Но, како што изјави за Ројтерс Брајан Кларк од американската конзервативна аналитичка група Хадсон институт, проблемите покажуваат дека морнарицата сè уште не разбрала што можат, а што не можат да прават овие системи.

Проблемите не се само од техничка природа. Пентагон неодамна го отпушти контраадмиралот Кевин Смит, раководител на единицата за набавка на дронови на морнарицата, по истрагата на воените инспектори. Единицата сега е во фаза на преглед и може да се реструктуира или затвори.

Дополнително, договор од речиси 20 милиони долари со компанијата Л3 Харис, која развива софтвер за контрола на дронови, е ставен на неопределена пауза.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја прогласи изградбата на јаиа дронови за еден од своите воени приоритети. Законодавството усвоено од Конгресот минатиот месец вклучува речиси 5 милијарди долари за автономни поморски системи.

Морнарицата веќе инвестирала најмалку 160 милиони долари во „блекси“, кој произведува десетици автономни бродови месечно, додека Сароник, проценет на 4 милијарди долари, сè уште нема големи договори, но има милиони нарачки за прототипови.

„Овие системи ќе играат клучна улога во идните поморски конфликти, проширувајќи го досегот на флотата, подобрувајќи ја свеста за ситуацијата и зголемувајќи ја борбената ефикасност“, вели вршителот на должноста началник на поморските операции Џим Килби за време на посетата на објектот Блекси.

Морнарицата на САД сега разгледува и поголеми автономни проекти – како што се беспилотни подморници и бродови што носат товар и оружје.

Ти Кеј Хејмс од аналитичката група Атлантски совет вели дека американската морнарица влегува во „неистражени води“. „Системот е навикнат да гради големи бродови и да донесува одлуки со години. Сега одеднаш од нив се бара да дејствуваат брзо“, вели тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ