Извештајот, чие објавување доцнеше поради привремената блокада на работата на федералната влада на САД, дава увид во економија што во последните години се соочува со големи промени во трговската и имиграциската политика, упорна инфлација и кратења на државната потрошувачка.
И покрај силните осцилации во поединечни сегменти, како увозот и извозот, основните показатели упатуваат дека стопанството задржува солиден замав и притоа надминува многубројни прогнози. „Ова е стопанство што им пркоси на црните прогнози практично од почетокот на 2022 година“, изјави Адитија Бхаве, главен економист на Банката на Америка.
Гостувајќи во емисијата „Бизнис тудеј“ на Би-би-си, Бхаве го опиша американското стопанство како „многу, многу отпорно“. „Не гледам причина зошто тоа не би продолжило и во иднина“, додаде тој. Вкупната стапка на раст во третиот квартал беше значително повисока од очекувањата, имајќи предвид дека поголем дел аналитичари предвидуваа годишен раст од околу 3,2%.
Растот пред сè беше поттикнат од личната потрошувачка, која порасна со годишна стапка од 3,5%, во однос на 2,5% во претходниот квартал. Тоа се случи и покрај забавувањето на пазарот на трудот, при што домаќинствата трошеа повеќе за здравствени услуги.
Увозот, кој се одзема од вкупниот економски раст, продолжи да опаѓа, што го одразува бранoт царини на стоките што влегуваат во САД, кои претседателот на САД, Доналд Трамп, ги најави оваа пролет. Во исто време, извозот, кој претходно силно опадна, закрепна и порасна за 7,4%. Државната потрошувачка исто така се зголеми, главно поради поголемите трошоци за одбраната.
Овие поместувања го компензираа забавувањето на деловните инвестиции, вклучително и инвестициите во интелектуална сопственост, како и слабостите на пазарот на недвижности, кој и понатаму е оптоварен од високите каматни стапки, намалената достапност и ограничената понуда.
Мајкл Пирс, главен американски економист во „Оксфорд економикс“, изјави дека економијата е во добра позиција во пресрет на 2026 година, кога би требало да почнат да се чувствуваат ефектите од даночните олеснувања и неодамнешните потези на американската централна банка за намалување на каматните стапки. „Основните показатели упатуваат на стабилно ширење на стопанството“, наведе Пирс.
Трамп на социјалните мрежи ги поздрави објавените податоци, тврдејќи дека за силниот раст се заслужни неговите царини. Ова доаѓа во момент кога претседателот се најде под притисок поради падот на довербата кај потрошувачите и анкетите што покажуваат незадоволство од неговото управување со стопанството.
Сепак, дел од аналитичарите предупредуваат дека растот на цените со кои се соочуваат одделни домаќинства би можел да го отежни одржувањето на невообичаено силното темпо на раст од последниот квартал. Според извештајот, во трите месеци до септември, преферираниот инфлациски показател на американската централна банка, индексот на цени на личната потрошувачка (ПЦЕ), порасна на 2,8%, во однос на 2,1% во претходниот квартал.
Аналитичарите предупредуваат дека овој раст на цените најмногу ги погодува домаќинствата со ниски и средни приходи, додека домаќинствата со повисоки приходи и натаму трошат без поголеми ограничувања.
Оливер Ален, повисок американски економист во „Пантеон макроекономикс“, истакна дека некои понови истражувања и податоци за потрошувачката преку кредитни картички упатуваат на тоа дека домаќинствата почнуваат да ја намалуваат потрошувачката. „Слабиот пазар на труд, стагнацијата на реалните приходи и исцрпувањето на вишоците заштеди од периодот на пандемијата очигледно конечно почнаа да ги стигнуваат домаќинствата“, изјави Ален.






