Американскиот претседател Доналд Трамп накратко коментираше за овој настан на тркалезната маса во Белата куќа. „Тукушто запленивме огромен танкер во близина на Венецуела. Тоа е најголемиот танкер досега запленет“, кажа тој накратко, а потоа продолжи да зборува за други теми.
Подоцна додаде дека „постои многу добра причина“ за нападот врз танкерот.
Speaking moments ago from the White House, President Donald J. Trump confirmed the interception and seizure today of a sanctioned oil tanker off the coast of Venezuela by the U.S. Coast Guard, adding that, “other things are happening.” pic.twitter.com/t24hmWiTzq
— OSINTdefender (@sentdefender) December 10, 2025
Државната нафтена компанија Петролеос де Венецуела СА и министерствата за нафта и информации на Венецуела не одговориле веднаш на барањата за коментар.
Запленувањето би можело многу да го отежни извозот на нафта за Венецуела, бидејќи другите превозници сега веројатно ќе бидат повнимателни при товарење на венецуелските пратки. Поголемиот дел од нафтата на Венецуела оди во Кина, обично преку посредници, со големи попусти поради ризикот од санкции.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го зголеми притисокот врз венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кого го обвинува за водење на нарко картел. Пентагон изврши повеќе од 20 напади врз, како што вели, бродови за шверц на дрога во водите во близина на Венецуела и Колумбија, при што беа убиени повеќе од 80 осомничени, без какви било докази за нивна вина.
Трамп постојано повторува дека САД би можеле да започнат напади на копно и дека „деновите на Мадуро се одбројани“, додавајќи дека не ја исклучуваат можноста за копнена инвазија.
Владата на Мадуро тврди дека акциите на САД се обид да се украдат нафтените резерви на Венецуела, кои се меѓу најголемите во светот. Веста за запленувањето на танкерот доаѓа истиот ден кога Марија Корина Мачадо, која ја предводи венецуелската опозиција против Мадуро, ја доби Нобеловата награда за мир.
Во последните неколку месеци САД распоредија дополнителни сили на Карибите и го пренасочија најголемиот носач на авиони во светот УСС Џералд Форд од Медитеранот, придружуван од други воени бродови и бомбардери со долг дострел.
Во последните месеци Мадуро ги повика граѓаните на Венецуела да се обединат против, како што рече, американските закани и да се приклучат на цивилната милиција. Тој распореди и војници, бродови, авиони и беспилотни летала на границата со Колумбија, во некои федерални држави по должината на брегот и на еден остров.
ПДВСА, државната нафтена компанија, ја контролира нафтената индустрија во земјата и соработува со меѓународни партнери, вклучувајќи го и Шеврон со седиште во Хјустон, за дупчење на повеќе локации во Венецуела.
Според сегашниот договор Шеврон ѝ плаќа на владата дел од нафтата која ја произведува заедно со ПДВСА преку заедничките проекти на двете компании. Лиценцата издадена од Министерството за финансии на САД ја ослободува американската компанија од санкции.






