вторник, 3 февруари 2026

Американците собориле ирански дрон кој одел кон нивен носач на авиони, растат тензиите

Централната команда на американската војска (Центком) објави дека борбен авион на американската морнарица соборил ирански дрон кој се приближувал кон носачот на авиони УСС Абрахам Линколн во Арапско Море.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Центком соопшти дека дронот „агресивно се приближувал“ кон носачот на авиони, со „нејасна намера“ и дека „продолжил да лета кон него и покрај мерките за деескалација преземени од американските сили кои дејствувале во меѓународни води“.

Дронот бил соборен од борбен авион Ф-35Ц од носачот на авиони Абрахам Линколн, кој, според Центком, во тој момент пловел на околу 800 километри од јужниот брег на Иран. Во соопштението за медиумите се додава дека во инцидентот нема повредени американски војници и дека не е оштетена опрема.

Американската војска наведува и дека соборувањето на дронот се случило само неколку часа пред втор инцидент, во кој иранските сили „вознемирувале“ трговски брод под американско знаме и со американски екипаж додека пловел низ Ормускиот теснец.

Според американската војска, силите на Иранската револуционерна гарда го вознемирувале трговскиот брод Стена императив. Според соопштението за медиумите, два ирански брода и еден дрон од типот „мохаџер“ се приближиле до бродот „со голема брзина“ со закани дека ќе се качат на танкерот и ќе го запленат.

„Ирански бродови поминале покрај бродот три пати со голема брзина, додека ирански дрон од типот „мохаџер“ прелетал над него. За време на едно поминување, Иранците се заканиле преку радио дека ќе се качат на танкерот и ќе го запленат. Танкерот бил во меѓународни води“, изјави капетанот Тим ​​Хокинс, портпарол на Центком.

Американските воени сили кои дејствуваат во областа реагирале веднаш штом дознале за иранските закани. „Разурнувачот УСС Мекфол го испратил танкерот надвор од областа со одбранбена воздушна поддршка од американските воздухопловни сили“, кажа Хокинс, додавајќи дека ситуацијата била деескалирана.

Инцидентите се случиле неколку дена пред најавените преговори меѓу Иран и Соединетите Американски Држави за нуклеарната програма, додека американскиот претседател Доналд Трамп предупредува дека воени бродови се движат кон Иран и дека ќе се случат „лоши работи“ ако не се постигне договор.

Борбената група на носачот на авиони Линколн е највидливиот показател за посилно американско воено присуство на Блискиот Исток по крвавото задушување на антивладините протести во Иран минатиот месец, најголемите немири во земјата од Исламската револуција во 1979 година.

Трамп, кој не ги исполни своите закани за интервенција за време на протестите, оттогаш бара нуклеарни отстапки од Техеран.

Зборувајќи по соборувањето на иранскиот дрон, портпаролката на Белата куќа Каролин Левит за Фокс њуз изјави дека разговорите меѓу САД и Иран сè уште се планирани за подоцна оваа недела. Таа кажа дека Трамп „останува посветен на тоа прво да се обиде со дипломатија“, но додаде дека тој „секогаш има голем број опции на маса, вклучително и употреба на воена сила“.

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, претходно предупреди дека секој напад врз земјата би предизвикал „регионална војна“. Техеран сè уште не го коментирал инцидентот со дронот.

Левит објави и дека специјалниот претставник на САД Стив Виткоф, највисок претставник на Трамп во странство, ќе учествува во преговорите во име на Белата куќа. Американските медиуми претходно објавија дека Виткоф треба да се сретне со иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во петок во Истанбул.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ