среда, 17 декември 2025

Американците ги убиле преживеаните од нападот врз брод, Хегсет вели: „Нема да ја објавиме снимката“

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет ги отфрли повиците да се објави снимката што го прикажува американскиот напад врз брод за шверцување дрога на Карибите во септември, во кој двајца мажи го преживеале првиот напад, но потоа следувал уште еден.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во согласност со долгогодишната политика на Министерството за војна и Министерството за одбрана, нема да објавиме строго доверлива, целосна и необработена видеоснимка за ова пред пошироката јавност“, изјави Хегсет пред новинарите во вторникот.

Тој додаде дека снимката ќе им биде прикажана само на членовите на соодветните конгресни одбори.

Како дел од борбата против наводното шверцување дрога, американската војска на 2 септември нападна брод на Карибите. Набргу потоа, наводно, биле издадени наредби за убивање на двајцата преживеани од бродот, но тие тврдења ги отфрли американскиот адмирал Френк Бредли, задолжен за операцијата.

Експерти тврдат дека вториот напад можеби го прекршил меѓународното право. Вашингтон пост објави дека двајцата мажи се држеле за остатоците од бродот и дека не претставувале непосредна закана кога бродот повторно бил погоден.

Американските сили од септември напаѓаат бродови на Карибите и во источниот дел на Тихи Океан за кои тврдат дека превезуваат дрога, повикувајќи се на проценки на разузнавачките служби. Војската не објави докази што би ги поткрепиле тие тврдења.

Американските медиуми наведуваат дека во досегашните операции биле убиени повеќе од 90 лица.

Експерти на Обединетите нации за човекови права изјавија дека овие операции можеби го прекршуваат меѓународното право, опишувајќи ги убиствата како незаконски вонсудски егзекуции.

Демократскиот сенатор Ричард Блументал во вторникот изјави дека „американскиот народ треба и заслужува да ги види овие видеоснимки“.

„Во суштина, не постоеше никакво конкретно оправдување за какво било криење на податоците, а мислам дека тоа што не ги доставуваат ги поткопува довербата и кредибилитетот на целата оваа операција“, рече демократот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ