среда, 28 мај 2025

САД: Вистина е, Пакистан собори индиски рафали со кинески авион

Борбен авион Ј-10 од кинеско производство, во состав на пакистанските воздухопловни сили, собори најмалку два индиски воени авиони, потврдија за Ројтерс двајца американски претставници. Ова е важна пресвртница за кинеската воена технологија.

Илустрација: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Портпаролот на индиските воздухопловни сили одби да ги коментира наводите кога беше прашан за извештајот на Ројтерс.

Според американски функционер, кој зборуваше под услов на анонимност, Пакистан користел кинески Ј-10 за лансирање ракети воздух-воздух против индиски борбени авиони, соборувајќи најмалку два. Друг официјален претставник додаде дека еден од погодените авиони бил француски борбен авион рафал што Индија неодамна го вклучи во својата флота.

И двајцата потврдија дека пакистанските авиони Ф-16 од американско производство не биле употребени во нападот.

Во изјава за Ројтерс еден ден по нападот, пакистанскиот министер за одбрана, Хаваџа Мухамед Асиф, изјави дека Пакистан користел Ј-10 за да собори три француски рафали. Тој нагласи дека станува збор за авиони што Индија неодамна ги набавила. Според пакистанската верзија на настаните, вкупно пет индиски борбени авиони биле соборени во воздушната борба.

Иако Ројтерс претходно објави, повикувајќи се на локални претставници во Индија, дека во инцидентот биле соборени три индиски авиони, ова е прва западна потврда дека во нападот биле користени пакистански авиони од кинеско производство.

Индиската влада не ја призна загубата на ниту еден авион. Наместо тоа, објави дека нејзините воздухопловни сили извршиле успешни напади врз она што го нарекоа „терористичка инфраструктура“ во Пакистан.

Инцидентот се случува во време на сериозни тензии меѓу Индија и Пакистан, две нуклеарно вооружени држави кои веќе водеа три војни и бројни помали конфликти. САД, Русија, Кина и другите светски сили ги повикаа двете страни на воздржаност.

Во Вашингтон, ефикасноста на кинеските борбени системи се следи со посебно внимание, бидејќи тие би можеле да играат клучна улога во потенцијални конфликти во регионот на Тајван или поширокиот Индо-Пацифик.

И J-10 и рафал се сметаат за таканаречени ловци од 4.5 генерација, меѓу најнапредните борбени авиони на денешницата. Аналитичарите велат дека секој детаљ од употребата на овие системи ќе биде внимателно анализиран, од тактиките до користените ракети, иако нагласуваат дека е прерано да се извлечат конечни заклучоци.

„Авијациските заедници во Кина, САД и неколку европски земји ќе бидат многу заинтересирани да соберат што е можно повеќе конкретни информации за тактиките, техниките, употребеното оружје, за она што е функционално, а што не“, рече Даглас Бари, виш истражувач за воена авијација при Меѓународниот институт за стратешки студии (ИИСС).

Социјалните медиуми ја истакнаа можната конфронтација помеѓу кинеската ракета ПЛ-15 и европскиот метеор, напредна ракета воздух-воздух што ја развива конзорциумот МБДА (кој ги вклучува Десолт авиејшн, БАЕ Системс и Леонардо).

Сепак, воените аналитичари забележуваат дека во моментов нема потврда дали метеор бил користен или на кој начин.

„Во моментов не е можно да се извлечат конкретни заклучоци. Знаеме премалку“, рече извор од западната одбранбена индустрија.

Доцна во четвртокот, експлозии одекнаа во индискиот град Џаму во регионот Кашмир. Индиски воени извори велат дека се сомневаат дека станува збор за напад со пакистански беспилотни летала, втор ден по ред од почетокот на вооружениот конфликт.

Претходно истиот ден, Пакистан соопшти дека соборил 25 индиски дронови во текот на ноќта, додека Индија објави дека нејзините системи за воздушна одбрана пресретнале пакистански дронови и ракети насочени кон воени позиции.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ