недела, 21 декември 2025

Америка се обврза да го брани Катар

Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се обврзуваат Соединетите Американски Држави да ја гарантираат безбедноста на Катар, што претставува значајна нова обврска кон клучниот арапски сојузник кој не е член на НАТО алијансата, пишува Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„САД ќе го сметаат секој вооружен напад врз територијата, суверенитетот или клучната инфраструктура на државата Катар како закана за мирот и безбедноста на САД“, се наведува во наредбата потпишана во понеделникот.

Оваа одлука доаѓа во време кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, за време на посетата на Белата куќа, му се извини по телефон на катарскиот премиер за израелскиот напад на Доха минатиот месец. По тоа, на заедничка прес конференција со Нетанјаху, Трамп го претстави својот план од 20 точки за мир во Газа. Интересно е што во новата верзија на планот, за разлика од претходната презентирана на арапските лидери, не е експлицитно наведено дека Израел нема да го нападне Катар.

Наредбата на Трамп прецизира дека САД ќе ги „преземат сите законски и соодветни мерки“ за да го одбранат Катар.

„Во случај на таков напад, САД ќе ги преземат сите законски и соодветни мерки – вклучувајќи дипломатски, економски и, доколку е потребно, воени – за да ги одбранат интересите на САД и државата Катар и да го вратат мирот и стабилноста“, се наведува во документот.

Регулативата е големо достигнување за Катар, кој, како и другите богати земји од Заливот, долго време бара посилни безбедносни гаранции од САД. Во 2022 година, администрацијата на Бајден го прогласи Катар за главен сојузник кој не е член на НАТО, давајќи му значајни воени и одбранбени привилегии.

Катар е исто така дом на воздухопловната база Ал Удеид, една од најголемите американски воени бази на Блискиот Исток, што дополнително ги нагласува длабоките безбедносни врски меѓу Доха и Вашингтон.

За време на посетата на земјата претходно оваа година Трамп јавно вети дека ќе го „заштити“ Катар. Тој го даде тоа ветување во контекст на најавата за речиси 3 трилиони долари економски обврски од Доха и други земји од Заливот. Оттогаш, Катар беше нападнат двапати, од Иран и Израел.

И Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати побараа поексплицитни безбедносни гаранции од САД. Ријад одржа разговори со Вашингтон за поформална безбедносна рамка, особено во последната фаза од администрацијата на Бајден, но не беше постигнат сеопфатен договор ниту тогаш ниту за време на последователната посета на Трамп.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ