Ова е дел од силите распоредени од американската војска по руската инвазија на Украина во 2022 година. Потоа, администрацијата на претседателот Џо Бајден испрати дополнителни 20.000 војници во источното крило на НАТО за да ја зајакне одбраната на сојузниците долж украинската граница. Според Ен-би-си њуз, сегашниот предлог вклучува можност за повлекување до половина од овие сили.
Дискусијата за намалување на военото присуство се води додека Доналд Трамп се обидува да го убеди рускиот претседател Владимир Путин да се согласи на прекин на огнот во Украина, според американски извори.
Администрацијата на Трамп јасно стави до знаење дека очекува европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана бидејќи Вашингтон сака да ги префрли воените ресурси кон Кина и другите глобални приоритети.
Во февруари, новиот министер за одбрана на САД, Пит Хегсет, за време на првата надворешнополитичка посета на Брисел, изјави дека „стратегиските околности не дозволуваат САД да бидат првенствено фокусирани на безбедноста на Европа“. Фокусот, рече тој, ќе биде на одбраната на јужната граница на САД и на одвраќањето на Кина.
Според Ен-би-си, некои европски функционери стравуваат дека овој потег може да се смета како знак за повлекување на САД од Европа, што според нив ќе ја охрабри Русија.
„Русија би го протолкувала намалувањето на американските сили како слабеење на одвраќањето и би била поподготвена да се меша во европските работи“, изјави Сет Џонс од Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС).
Бен Хоџис, пензиониран генерал што командуваше со американските сили во Европа, предупреди дека повлекувањето значително ќе ги ослабне одбранбените способности: „Полска и Романија ја зајакнуваат својата одбрана, но тоа сепак ќе остави празнина што некој ќе треба да ја пополни“, рече тој.
На сослушувањето во Сенатот, републиканскиот сенатор Роџер Викер ја критикуваше можноста за повлекување: „Длабоко сум загрижен поради опасните позиции што ги имаат некои бирократи од средно ниво во Министерството за одбрана. Тие работат на повлекување на Соединетите Држави од Европа – честопати без знаење на министерот за одбрана“.
Ен-би-си њуз пренесува дека портпаролот на Пентагон не го коментирал случајот, а американската војска исто така одбила да даде официјална изјава.
Во исто време, администрацијата на Трамп спроведува кратења во буџетот за одбрана, а повлекувањето на дел од силите од Европа би овозможило прераспределба на ресурсите во индопацифичкиот регион, кој Вашингтон го смета за стратегиски поважен. Повлекувањето од Полска и Романија, според Ен-би-си, би можело да ослободи пари за инвестиции во ново оружје и иновативна воена технологија.
Во моментов во Европа има околу 80.000 американски војници, а дополнителните сили распоредени по почетокот на војната во Украина требаше да послужат како јасен сигнал дека САД се уште се посветени на одбраната на НАТО.