среда, 28 јануари 2026

Америка подготвува терен за влез на нафтените компании во Венецуела

Американските власти работат на скоро издавање општа дозвола со која би се укинале одредени санкции врз енергетскиот сектор на Венецуела, што претставува промена во практиката на индивидуални исклучоци, соопштија четири извори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Соединетите Американски Држави со месеци го блокираат извозот на венецуелска нафта, распоредувајќи воени бродови во карипскиот регион. На почетокот на јануари, американските сили го киднапираа венецуелскиот претседател Николас Мадуро, со образложение дека треба да биде изведен пред американски суд по обвинение за, како што наведоа, „наркотероризам“.

Потпретседателката Делси Родригез привремено ја презеде претседателската функција, а Вашингтон истакна дека склучил договор за снабдување со нафта вреден две милијарди долари со Каракас, поканувајќи компании да инвестираат во Венецуела, со проценки дека износот треба да достигне 100 милијарди долари во следните десет години.

Во меѓувреме, дозволи се издадени на трговските куќи Витол и Трафигура, а барања за проширување на производството и извозот се поднесени во последните недели од бројни партнери и клиенти на државната нафтена компанија ПДВСА, вклучувајќи ги Шеврон, Репсол и ЕНИ, индиската рафинерија Рилајанс индастрис и група американски услужни компании.

Големиот број индивидуални барања до американската влада го закочија спроведувањето на плановите за проширување на извозот и брзо инвестирање во Венецуела, соопштија два извори.

Министерството за финансии на САД, Белата куќа и Министерството за нафта на Венецуела не одговориле веднаш на барањето на Ројтерс за коментар за нивните наводи.

Канцеларијата за контрола на странски средства при Министерството за финансии воведе санкции врз целата венецуелска енергетска индустрија уште во 2019 година по претседателските избори на кои Мадуро освои уште еден мандат. Белата куќа во тоа време тврдеше дека изборите не биле легитимни.

Санкциите се менуваа во текот на изминатите седум години, во зависност од составот на американскиот кабинет, преку низа декрети и дозволи со кои се даваа исклучоци на одредени производители и купувачи.

Шефовите на нафтените компании веруваат дека се потребни повеќе дозволи за да се забрза извозот и да се зголеми производството во полињата каде што е достапна опрема и да се поттикнат преработувачките активности. Поправката на дотраената инфраструктура е исто така неопходна, додаваат тие, посочувајќи го нестабилното снабдување со електрична енергија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ