недела, 14 декември 2025

Амазонија за 40 години изгубила област поголема од Шпанија

Бразилска Амазонија изгубила 52 милиони хектари природно земјиште од 1985 година – површина поголема од Шпанија, според извештајот на иницијативата Мапбиомас објавен вчера.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На ниво на целата земја, загубата во последните четири децении изнесува 111,7 милиони хектари – повеќе од три пати поголема од површината на Германија. Мрежата Мапбиомас ги обединува универзитетите, невладините организации и технолошките компании, а својата анализа ја базира пред сè на сателитски снимки.

До 1985 година, во текот на речиси пет века, Бразил пренаменил 60 отсто од земјиштето што денес се користи за земјоделство, рударство, градови и инфраструктура. „Останатите 40 отсто од таа конверзија се случиле за само четири децении, од 1985 до 2024 година“, вели координаторот на Мапбиомас, Тасо Азеведо.

Најинтензивното расчистување на шумите е забележано помеѓу 1995 и 2004 година. Сепак, во последната деценија, овој тренд „повторно се забрза поради деградацијата, климатските промени и експанзијата на земјоделството“, изјави научниот координатор на Мапбиомас, Џулија Шимбо.

Според извештајот, процентот на природни подрачја во Бразил се намалил од 80 отсто во 1985 година на 65 отсто во 2024 година.

Во Пантанал – најголемото мочуриште во светот – циклусите на поплави се намалуваат од деценија во деценија, при што 2024 година е најсушната година во последните 40 години. Површината под вода минатата година била за 73 отсто помала од просекот помеѓу 1985 и 2024 година, а намалената влажност им одговарала и на разорните пожари.

Во Серадо – влажните савани на југоисточен Бразил – во текот на четири децении, уништени се околу 40 милиони хектари природна вегетација, што е пад од 28 отсто.

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва вети дека Бразил целосно ќе го прекине уништувањето на шумите до 2030 година. На 30-тата Конференција на Обединетите нации за климатски промени (КОП30), која ќе се одржи во ноември во градот Белем во амазонскиот регион, ќе се дискутира за климатската акција и борбата против уништувањето на шумите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ