Швајцарската мрежа за мерење на глечери Гламос повторно забележала „значајно топење“ на глечерите во 2025 година, блиску до рекордот од 2022 година.
Зимата без многу снег и топлотни бранови во јуни и август довеле до намалување од три отсто на волуменот на глечерите, според мерењата направени на примерок од околу дваесет глечери, кои биле избрани од вкупно 1.400 глечерски формации во алпската земја.
Тоа е четвртото најголемо намалување на волуменот на глечерот откако почнале мерењата, по 2022, 2023 и 2003 година.
„Од пред околу 20 години, сите швајцарски глечери губат мраз со забрзана брзина“, изјави за Франс прес Матијас Хус, директорот на Гламос.
Швајцарските глечери, кои играат важна улога во хидроенергијата и снабдувањето со вода, изгубиле една четвртина (24 отсто) од својот волумен во текот на деценијата 2015-2025, во споредба со 17 отсто во периодот 2010-2020, 14 отсто во периодот 2000-2010 и 10 отсто во периодот 1999-2000, се наведува во извештајот.
Швајцарија е особено погодена од климатското затоплување кое во таа земја е два пати поголемо од светскиот просек, според Швајцарската федерална канцеларија за метеорологија и клима.
Погодени се и други алпски земји.
Во Швајцарија, каде што речиси 50 врвови се повисоки од 4.000 метри, глечерите имаат очекуван подолг век на траење отколку во Австрија, каде што највисоките врвови не надминуваат 3.800 метри, вели за Франс прес директорот на Светската служба за следење на глечерите (ВГМС) Михаел Земп.
Но, ако глобалните емисии на јаглерод диоксид останат на сегашните нивоа, речиси сите глечери на Швајцарија, кои претставуваат повеќе од половина од обемот на преостанатите алпски глечери, ќе се стопат до крајот на векот, предупредува Хус.
Од почетокот на 1970-тите, повеќе од 1.100 швајцарски глечери исчезнале, според Гламос.
И во Франција, научниците проценуваат дека до 2100 година воопшто ќе нема глечери или речиси ќе нема.
Поради постепеното намалување на алпските глечери, резервите на свежа вода во Европа се намалуваат. Покрај тоа, со тоа се дестабилизира планината, што може да доведе до настани како што се уривање на делови од карпи или мраз, што предизвика уништување на селото Блатен во мај, вели Хус.
На крајот на 2025 година, обемот на мраз во швајцарските глечери треба да биде 45,1 кубни километри, што е за 30 кубни километри помалку отколку во 2000 година, според студијата. Нивната површина се проценува на 755 квадратни километри, што е намалување од 30 отсто во истиот период.
Оваа година, кога беше вториот најтопол месец јуни некогаш забележан во Швајцарија, имаше брзо топење на снегот на највисоките врвови. Во август имаше уште еден топлотен бран.
Летното топење, сепак, не беше повеќе од 15 отсто од просекот за 2010-2020 година, што е најниското ниво за четири години. Според Гламос, намалувањето на температурите во јули, кое донесе свеж снег над 2.500 метри, овозможи да се „избегне најлошото“ оваа година.






