понеделник, 15 декември 2025

Алигатор Алкатраз на Трамп спореден со кафез за кучиња (ВИДЕО)

Озлогласениот имиграциски притворен центар Алигатор Алкатраз во Флорида се споредува со „кафез за кучиња“ поради екстремно лошите услови, пишува Скај њуз.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Објектот, кој првично требаше да биде најголемиот аеродром во светот, наместо тоа стана симбол на решеноста на Белата куќа да ги депортира мигрантите од Америка за кои тврди дека немаат право да бидат во земјата. Еден затвореник опиша дека се чувствувал „како на тортура“, додека член на семејството на друг рече дека „дури ни сончевата светлина не влегува внатре“.

Поддржувачите на цврстиот став на американскиот претседател Доналд Трамп за имиграцијата го пофалија новиот притворен центар, особено поради природните пречки во околните мочуришта Еверглејдс, како што се алигаторите, кои го отежнуваат бегството. За критичарите, тоа е дехуманизирачко место чие одржување ќе чини стотици милиони долари годишно.

„Местото е како кафез за кучиња“, рече притвореникот Рафаел Коладо по телефон, во коментари објавени од Ен-би-си њуз.

Тој изјави дека поплавите по неодамнешните бури, го ограничиле пристапот до тушевите и лошата хигиена предизвикале неговите стапала да се инфицираат со габи. Тој рече дека притворениците ги соблекуваат голи секој пат кога ги преместуваат во друга ќелија и дека нема утврден распоред за земање лекови за крвен притисок.

Во тој момент, рече дека чувар му наредил да го прекине повикот со што разговорот завршил.

Во меѓувреме, Мексико бара враќање на 14 свои граѓани кои се наоѓаат во објектот. Мексиканецот Мартин Гонзалез изјави за локална радио станица дека неговите синови Карлос и Алехандро се наоѓаат во притворниот центар. „Ситуацијата е навистина лоша. Објектот е целосно затворен, дури ни сонцето не влегува“, рече Гонзалез. „Светлата се вклучени 24 часа на ден, па не знаат дали е ден или ноќ“.

Друг притвореник, Хуан Палма, разговараше со Ен-би-си Мајами од Алигатор Алкатраз во понеделникот. „Чувствувам дека мојот живот е во опасност“, рече Палма, кој е Кубанец. Тој го опиша чувството како „тортура“, споменувајќи дека за време на спиењето го напаѓаат комарци и дека не може да разликува дали е ден или ноќ поради флуоресцентните светла што секогаш се вклучени.

Портпаролката на Министерството за внатрешна безбедност на САД, Триша Меклафлин, ги негираше сите обвинувања за нехумани услови во Алигатор Алкатраз и другите центри за притвор на имигранти низ земјата.

„Им обезбедуваме на сите притвореници соодветни оброци, медицинска нега и можности за комуникација со членовите на семејството и адвокатите. Осигурувањето на безбедноста, заштитата и благосостојбата на оние што се во наш притвор е највисок приоритет“, изјави таа за Ен-би-си.

Аеродромот Дејд-Колиер некогаш требаше да биде најголемиот аеродром во светот, пет пати поголем од аеродромот ЏФК во Њујорк, но тој потенцијал никогаш не беше реализиран. Наместо тоа, овој објект од 101 квадратен километар, кој се наоѓа на околу 80 километри од Мајами, со години се користи како центар за обука – се до сега.

„Ова е стар, практично напуштен аеродром во средината на Еверглејдс“, рече главниот обвинител на Флорида Џејмс Утмаер претставувајќи го минатиот месец. „Јас го викам: Алигатор Алкатраз.“

Тој го претстави како „ефикасна, евтина можност“ за изградба на „привремен“ притворен центар, „бидејќи не мора да инвестирате толку многу во периметарот“.

Се верува дека објектот ќе може да смести до 5.000 затвореници кога ќе биде целосно оперативен, а годишното одржување ќе чини, според Си-ен-ен, 450 милиони долари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ