недела, 21 декември 2025

„Албанскиот Зеленски“ во трка за градоначалник на Тирана

Познатиот сатиричар Флоријан Бинај ја објави својата кандидатура за градоначалник на Тирана, со поддршка на Саљи Бериша, лидерот на опозициската Демократска партија.

Фото: Фејсбук

Објавено на

часот

Сподели

Вонредните избори во главниот град на Албанија се закажани за 9 ноември, откако поранешниот градоначалник Ерион Велијај беше отстранет од функцијата поради затворска казна изречена под сомнение за корупција и злоупотреба на службената должност. Тој ги негира обвинувањата. Победникот на изборите ќе ја извршува функцијата две години, до следните локални избори на национално ниво.

Бинај, познат по своите впечатливи имитации на социјалистичкиот премиер Еди Рама и неговите појавувања на телевизија во ударниот термин, во саботата објави дека има намера да се кандидира за функцијата, објави Политико.

„Одлучив да ја објавам мојата кандидатура за градоначалник на Тирана… Верувам дека мојот придонес, иако е само половина од мандатот, ќе служи на надежта и единството и ќе го подобри животот на сите жители на главниот град“, напиша тој во објава на Фејсбук.

Неговата одлука брзо ја доби поддршката на Бериша, кој самиот се соочува со правни проблеми. Во понеделникот тој кажа дека сите опозициски гласачи и партии треба да ја поддржат кандидатурата на комичарот, а повикот го предводи неговата централно-десничарска Демократска партија.

Бериша за Политико изјави дека „Флорјан Бинај е бестрашен општествен активист, храбар претставник на граѓанските интереси, особено во борбата против корупцијата и на екранот и надвор од него, и е извонреден во комуникацијата. Тој го отелотворува токму она што го бара албанската опозиција: не само начин за проширување на својот дострел, туку и одговор на растечката потреба за чисти, млади и урбани јавни профили“.

Политко пишува дека кандидатурата на Бинај предизвикала споредби со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој беше актер и комичар пред да влезе во политиката.

Сепак, не се сите убедени дека Бинај има капацитет да управува со годишниот буџет на главниот град од 250 милиони евра, а локалните коментатори предупредуваат на неговото неискуство во администрацијата.

„Тука зборуваме за управување со град, а не за кабаре шоу“, кажа аналитичарот и поранешен политичар од Демократската партија Едвин Кулури.

Бинај ќе се соочи со кандидатката на владејачката Социјалистичка партија и поранешна министерка за образование Огерта Манастирлија, активистката Едлира Чепани и професорот, писател и аналитичар Ермал Хасимја. Избори ќе се одржат во уште пет општини.

Социјалистичката партија, која тукушто го почна својот четврти мандат на државно ниво, моментално контролира 54 од 61 изборна единица во земјата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ