Откако Специјализираното обвинителство на Косово побара казна од 45 години затвор за Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи, министерката за надворешни работи на Албанија Ељиша Спиропаљи изјави дека „само праведна одлука, заснована на докази и според највисоките стандарди на правдата, може да ја отстрани големата сенка која тие ставови (на обвинителството) ја фрлаат врз историското сеќавање на праведната борба“ на ОВК.
„Ослободителната војска на Косово беше ослободително движење кое уживаше широка поддршка од меѓународната заедница против режимот (на Слободан Милошевиќ) кој вршеше систематско насилство, етничко чистење и широко документирани злосторства против цивилното население. Секоја постапка против поединци од таа војна мора внимателно да ја заштити суштинската разлика помеѓу индивидуалната кривична одговорност и историскиот карактер на борбата за слобода“, изјави Спиропаљи.
Спиропаљи напиша на Фејсбук и дека „многу злосторства извршени од српските сили против цивилното население на Косово остануваат необработени и без целосна кривична одговорност“ и додаде дека „оваа нееднаквост во потрагата по правда ја поткопува довербата на јавноста во меѓународната правда“.
„Судот денес има особена одговорност да не дозволи јазикот и пристапот на обвинителството неправедно да ја повредат ослободителната борба и достоинството на оние кои се бореа за слобода“, додаде шефицата на албанската дипломатија.
Таа напиша и дека Албанија потврдува дека правдата треба да служи на вистината и помирувањето, а не за создавање наративи кои ја ревидираат историјата или ги релативизираат меѓународно признатите одговорности за злосторствата извршени за време на војната во Косово.
„Ја нагласуваме важноста на завршувањето на постапката во разумен рок и со целосно почитување на меѓународните стандарди за фер судење. Албанија ќе продолжи внимателно да го следи овој процес и ќе остане посветена на вредностите на владеењето на правото, меѓународната правда и достоинството на ослободителната војна на народот на Косово“, порача Спиропаљи.
Барањето на Специјализираното обвинителство на Косово, кое е задолжено за истраги и кривични гонења во рамките на надлежноста на Специјализираните совети на Косово, судот за злосторства на ОВК чие седиште е исто така во Хаг, беше критикувано вчера од претставници на косовската влада и опозицијата.
Специјализираното обвинителство на Косово побара вчера казна од 45 години затвор за Тачи, Весељи, Сељими и Краснији, кои се обвинети за воени злосторства против цивили во Косово и Албанија во 1998 и 1999 година.
Главната обвинителка Кимберли Вест изјави дека презентираните докази „оправдуваат долги затворски казни за сите обвинети“. И други обвинители на Специјализираното обвинителство на Косово вчера тврдеа дека докажале дека поранешните водачи на ОВК имале и спровеле „заедничка злосторничка намера“.






