Седум години откако владата вети дека ќе изгради модерни согорувачи на отпад, проектот е сè уште недовршен и под истрага за корупција.
Во Тирана, која има речиси милион жители – околу една третина од вкупното население на Албанија – се создава речиси половина од градскиот отпад во целата земја.
Брзата урбанизација на градот значително ја надмина инфраструктурата: собирањето отпад е нередовно, рециклирањето речиси и да не постои, а главната депонија брзо се приближува до границите на капацитетот.
Кризата со отпадот е на критична точка
Експертот за животна средина Олси Ника, директор на невладината организација Еко Албанија, вели дека кризата со отпадот во престолнината достигнал критична точка. „Ова не е само лошо управување – тоа е систем кој никогаш не ни функционирал“, вели тој за Дојче веле. „Печките што требаше да го решат проблемот никогаш не проработеа, а собирните места околу нив сега се натрупани. На депонијата Шара е отворен нов дел, но таа не може да расте бесконечно.“
Ситуацијата во Тирана го одразува поширокиот проблем низ целата земја.
Според податоците од албанскиот Завод за статистика (ИНСТАТ), Албанија произвела околу 820.000 тони комунален отпад во 2022 година. Речиси 77 отсто завршиле на депонии, помалку од 20 отсто биле рециклирани, додека остатокот бил согорен или воопшто не бил собран.
За Ника, овие бројки покажуваат колку е нестабилен системот. „Локалните самоуправи немаат капацитет ни координација за соодветно управување со отпадот. Повеќето од нив работат без соодветна инфраструктура, а селекцијата на отпадот на местото на настанување е речиси непостоечка.“
Управувањето со отпадот е клучно за пристапување кон ЕУ
Како што Албанија напредува кон членство во Европската Унија, реформата на животната средина станува еден од најголемите тестови. Управувањето со отпадот, кое долго време се сметаше за локален проблем, сега е во центарот на преговорите со ЕУ. Поглавјето 27, кое ги покрива заштитата на животната средина и климата, се смета за едно од најтешките и најскапи за усогласување со стандардите на ЕУ.
Албанскиот премиер Еди Рама го нарече „најпредизвикувачко поглавје од преговорите и најтешкиот дел од процесот на пристапување во ЕУ“, истакнувајќи дека напредокот во преработката на отпад досега бил ограничен.
Дали планот на владата ќе промени нешто?
Владата одговори со претставување нацрт закон за интегрирано управување со отпад, како и планови за формирање на Национален оператор за отпад – јавна агенција која би го координирала собирањето и преработката на отпадот низ целата земја.
Оваа реформа претставува отстапување од сегашниот модел, во кој општините управуваат со отпадот локално, и транзиција кон централизиран систем кој треба да ја зголеми ефикасноста и да го хармонизира законодавството со стандардите на ЕУ.
Експертот за животна средина Олси Ника смета дека реформата може да биде корисна, но само ако не застане на голи институционални промени. „Централизацијата би можела да ја подобри координацијата“, објаснува тој, „но без политичка волја, транспарентност и финансирање, новиот закон ќе ја доживее истата судбина како и претходните стратегии“.
Од реки до туризам – цената на занемарувањето
Дваесет и петгодишната активистка за животна средина Дениса Каса ги поминува викендите на бреговите на загадените албански реки. Минатата година таа ја формирала граѓанската иницијатива „Рједа“ („Тек“), која има за цел да истражува и чисти реки во земјата. Она што започнало како мала локална акција, денес обединува повеќе од 180 волонтери низ цела Албанија.
„Многу реки станаа канали за транспорт на отпад“, вели Каса за Дојче веле. „Во многу села нема контејнери или услуги за собирање ѓубре, па луѓето едноставно го фрлаат отпадот во реката или по нејзините брегови“.
Волонтерите преку своите акции се обидуваат да допрат до мештаните кое веќе се свесни за проблемот и да ги мотивираат да учествуваат во идните настани. Но, Каса вели дека свеста е сè уште ниска:
„Луѓето често очекуваат промената да почне на некое друго освен, а не од нив самите. Институциите за животна средина не направија многу за да ја изградат таа култура“.
Влијанието на растечкиот туризам
Еколошкиот експерт Олси Ника вели дека проблемот е многу подлабок отколку што изгледа на прв поглед. „Загадувањето повеќе не доаѓа само од еден извор“, објаснува тој.
„Реките го носат отпадот низводно, тој се шири во почвата, подземните води, па дури и во воздухот кога пластиката се согорува. Со текот на времето, се разградува на микрочестички кои влегуваат во синџирот на исхрана – невидлива, но сериозна закана.“
За Дениса Кас, загадувањето е во спротивност со сликата за туристичка Албанија која државата се обидува да ја промовира. „Туризмот треба да биде последното нешто што го промовираме ако не можеме да управуваме со сопствениот отпад“, вели таа. „Посетителите гледаат пластика покрај автопатите, реките и плажите – токму онаа природа што се обидуваме да ја промовираме.“
Каса истакнува дека самиот туризам го влошува проблемот: „Повеќе пластика, поголема потрошувачка. Без соодветен систем, лесно може да стане бумеранг.“
„Сè уште можете да бидете воодушевени од природата на Албанија“, додава Каса, „Но тешко е да не се биде разочаран од начинот на кој со неа се постапува“.






