Најновиот пример доаѓа од Албанија, каде што се разгледува револуционерна идеја – употреба на вештачка интелигенција за замена на корумпирани владини службеници.
Ова не е прв пат една земја да спроведува технолошки експерименти. Во последните неколку години, Ел Салвадор се обидуваше да го воведе биткоинот како законско средство за плаќање, што се покажа како неуспешно, додека во Соединетите Американски Држави проектот за инфраструктура на вештачка интелигенција од 500 милијарди долари, кој го започна претседател Доналд Трамп во претходниот мандат, е во мирување половина година.
Во Албанија, земја со 2,7 милиони луѓе, премиерот Еди Рама посочи дека моделите на вештачка интелигенција како ЧетГПТ би можеле да ги преземат улогите на министрите.
Рама верува дека вештачката интелигенција би можела да биде клучна алатка во борбата против корупцијата и за зголемување на транспарентноста.
На прес конференција, тој изнесе смела визија: „Еден ден, можеби дури и ќе имаме министерство целосно управувано од вештачка интелигенција. На тој начин нема да има непотизам и судир на интереси.“
Иако голем дел од оваа идеја е сè уште во сферата на теоријата, Рама додаде дека гласачите би можеле хипотетички да изберат алгоритам за вештачка интелигенција во советот на министри, со што Албанија ќе стане „првата што ќе има цела влада со министри и премиер од вештачка интелигенција“.
Неговиот став го дели и Бен Блуши, поранешниот албански министер за локална самоуправа, кој за Политико изјави дека верува оти „општеството подобро би било водено од вештачка интелигенција отколку од нас, бидејќи тие нема да прават грешки, не им треба плата, не можат да бидат корумпирани и не престануваат да работат“.
Албанија има и единствена врска со светот на вештачката интелигенција. Албанско-американската претприемачка Мира Мурати, како технички директор од 2018 до 2025 година, помогна во трансформацијата на ОпенАИ во денешниот технолошки гигант. Мурати неодамна ја напушти компанијата за да основа свој стартап од 2 милијарди долари, Тинкинг машинс леб.
Сепак, останува прашањето дали деловниот успех на едно лице може да ги реши длабоко вкоренетите проблеми со корупцијата во Албанија. Како и многу балкански земји, Албанија се соочи со тешките последици од брзата транзиција од централизирана економија во систем на слободен пазар.
И покрај фактот дека на изборите во 1991 година, граѓаните гласаа да останат во владејачката Лабуристичка партија, владата наскоро попушти пред прозападните протести и се зафати со драстични реформи. Тие вклучуваа рамна стапка на корпоративен данок од 15 отсто, продажба на јавни претпријатија и намалување на социјалните бенефиции, што создаде плодна почва за организиран криминал и корупција што трае повеќе од триесет години.
Малку е веројатно дека влада предводена од вештачка интелигенција ќе ги реши сите овие проблеми, но, како што е наведено, веројатно не може многу да ја влоши ситуацијата.






